//ВИЗАНТИСКА ФИЛОЗОФИЈА

ВИЗАНТИСКА ФИЛОЗОФИЈА

ВИЗАНТИСКА ФИЛОЗОФИЈА – а) период во историјата на европската филозофија што се протега во временската рамка од 330 г. од н.е. до падот на Византиската Империја во 1453 г. Општа карактеристика на византиската филозофија е заемното преплетување на богословието и на филозофијата. Филозофските идеи се конституираат преку суштинските прашања на историски и религиски условената византиска епоха. Основни филозофски проблеми се: онтолошките, гносеолошките, антрополошките, етичките и естетичките идеи во рамките на специфичниот византиски духовен живот. Освен влијанието на учењата на одделни антички филозофи, посебно се препознава влијанието на Платон и на Аристотел. Во врска со оригиналноста на византиската филозофија треба да се нагласи дека јасно се оцртуваат основите на филозофијата на исихазмот како автентична теантропоцентрична идеја врз која се изведуваат битните аспекти на духовниот живот на Византијците (Ромеите). Влијателни филозофски идеи се оние на школата на славните кападокиски отци: св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Григориј Ни-ски, прочуениот Псевдо-Дионисиј Ареопагит, св. Јован Лествичник, св. Максим Исповедник, св. Јован Дамаскин, Фотиј Цариградски, св. Симеон Нов Богослов, св. Григориј Палама, прилепчанецот Григориј Акиндин, Михаил Псел, Георгиос Гемистос Плитон и многу други. Бидејќи многу списи на византиските филозофи не се преведени, ниту се познати преку стручна редакција на релевантни специјалисти, до денес нивните сфаќања остануваат недоволно проучени. Во сета македонска средновековна култура доминира византиско-словенската духовна и филозофска инспирација; б) наставен предмет на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје, чии основи ги постави проф. д-р Јонче Јосифовски. Во 1999 г. е воведен како редовен едносеместрален предмет, а прв предавач е проф. д-р Вера Георгиева.ЛИТ.: В. Георгиева, Византиска филозофија, Скопје, 2001. В. Г.-П.

2019-01-05T19:45:07+00:00 0 коментари