ВЕСЕЛИНОВ, Коста

ВЕСЕЛИНОВ, Коста (с. Бобшево, Пиринско, 1908 – Ксанти, Тракиско, 19. IX 1942) – македонски културно-национален деец, историчар и публицист. Учи во Горна Џумаја, но поради учество во марксистичкото движење, во Ⅵ клас е исклучен од гимназијата и образованието го продолжува во Пазарџик. Во следната година се враќа во Горна Џумаја и развива поширока национално-политичка дејност. По завршувањето на гимназијата (1929) извесно време работи во Мелник, а потоа се запишува првин на Филозофскиот, а потоа на Правниот факултет во Софија (1930). Станува член на ВМРО(Об) и на КПБ, еден од основачите на БОНСС, но и во раководството на Македонската народна студентска група „Гоце Делчев” што почнува да го издава својот орган „Македонски студентски листъ” (1931), а по забраната продолжува „Македонска студентска трибуна” (1932). Поради национално-политичката активност и статиите во в. „Македонско знаме” е осуден од михајловистите на смрт и извесно време живее илегално. Уапсен и исклучен од Софискиот (1933), тој се запишува на Белградскиот универзитет. Како правник се враќа во Софија (1935) и се вклучува во Редакцијата на сп. „Македонски вести”. Член е на Македонскиот партиски актив на БКП. По забраната на весникот МВ, учествува во Публицистичкиот кружок „Нација и култура” и во подготовката на в. „Гоце”. Редактор е на в. „Глобусъ” (1936– 1937) и се вклучува во обновениот Македонски литературен кружок во Софија. Ја проучува македонската историја и култура и од 1938 г. почнува да објавува свои публикации во новата Национална научна библиотека „К’лбо”: „Националнопоробени народи и национални малцинства (научно-социолошка етида)” (1938), „Преродбата на Македонија и Илинденското востание” (1939), којашто е преведена на македонски уште во 1944 г. и станува прв учебник по историја во отворените македонски училишта, и „Борци за народна слобода” (1940) со монографски прилог и за Г. Делчев. Како адвокат, ги брани уапсените Македонци и членови на МЛК. По окупацијата на Вардарскиот дел на Македонија, поради национално-политичките дејности е уапсен (1. IX 1941) и испратен во концентрациониот логор во Ени-ќој (Тракија). Умира на операција од апендицит во болницата во Ксанти, а погребан е во Софија. Голем е бројот на статиите (најчесто непотпишани или објавени под псевдоними) во весниците: „Македонски студент-ски листъ”, „Македонска студент-ска трибуна”, „Македонско знаме”, „Македонска младежÏ”, „Македонско дело”, „Македонски вести”, „Ехо”, „Глобусъ”, „Заря”, „Дšга” и др. во кои обработува прашања од македонската и балканската историја, за националната свест, националното прашање, малцинствата и културата. ЛИТ.: Михаил Сматракалев, Георги Абаджиев, Димитър шарланджиев, Крум Алексов, Коста Веселинов, „Работническо дело”, Ⅶ, 318, София, 28, IX 1945, 4; Иван Иванов, Коста Веселинов, во зб.: Пирински соколи (Очерци за загинали револÓционни борци, действували в Благоевградски окръг), София, 1970; Д-р Блаже Ристовски, Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја, Ⅲ, Скопје, 1990, 458–490. Бл. Р.

2019-01-05T19:42:47+00:00 0 коментари