ВЕРКОВИЌ, Стефан И

ВЕРКОВИЌ, Стефан И. (с. Угљара, Босна 5. Ⅲ 1821 – Софија, 30. Ⅻ 1893) – босански фратер, археолог, собирач и публикувач на македонски фолклор, српски и руски политички активист и организатор на антиелинизмот, но и пропагатор на бугаризмот во Македонија. Студира во Загреб, каде што под влијание на Људевит Гај, ги прифаќа идеите на илиризмот, југословенството и панславизмот. Заминува за Србија и работи во корист на српската пропаганда – ја посетува Далмација, Црна Гора и Албанија (1843), а потоа и Солун (1844). Во Македонија престојува како политички агент на српската влада (1850–1877). Се занимава со собирање старини (ракописи, нумизматички материјал и уметнички предмети) и фолклорен материјал, и ја известува српската влада за ситуацијата во Македонија. Контактира со сите позначајни преродбенски дејци. Се јавува како значајна фигура во целокупниот духовно-просветен и национално-политички живот во Македонија, дејствувајќи како антипатријаршиски деец и пропагатор на словенството, но и на српско-руската ориентација. Активно учествува во сите потфати во револуционерно-ослободителното движење во Македонија од тој период. Подоцна извесно време живее во Русија (до мај 1890), а потоа добива бугарска пензија и останува во Софија до својата смрт. Успева да објави само еден зборник со македонски народни песни („Народне песме Македонски Бугара”, 1860). Необјавениот фолклорен материјал и богатиот личен архив е откупен од Министерството за просвета на Бугарија, а дел се чува во библиотеката на Руската академија на науките во С.-Петербург. Постхумно се објавени неколку зборника. БИБ. иЛИТ.: Народне песме Македонски Бугара. Скупио Стефанъ И. Верковиќъ, књига прва, Женске песме, Београд, 1860; П. А. Лавровъ, Сборникъ Верковича. И. НароднÎе песни Македонскихъ Болгаръ, Сборникъ Отделен˜я Русскаго язÎка и словесности Российской Академии Наукъ, ЏЦВ, № 5 и последнÎй, Петроградъ, 1920; Лидовé пов9дкѕ јихомакедонскé, з рукописù Ст. Верковичов7цх вѕдали Петр. А. Лавров а Јирж9 Пол9вка, в Празе, 1932; Зборник Македонски народни песни. Собрани од Стефан И. Верковиќ. Редакција и предговор Кирил Пенушлиски, Скопје, 1961; Михаил Арнаудов, Веркович и Веда Словена, СБНУН, ЛИИ, София, 1968; Документи за българското възраждане от архива на Стефан И. Веркович 1860– 1893, София, 1969; Стефан И. Верковиќ, Јужномакедонски народни приказни. Приредил Томе Саздов, И–Ⅱ, Скопје, 1977; Стефан И. Верковиќ, Македонски народни песни. Подготвил и редактирал Кирил Пенушлиски, И-В, Скопје, 1985; Лјубиша Доклестиќ, Животни пут Стјепана Верковиќа (1821–1894), „Радови”, вол. 14 (1), Загреб, 1981, 229-358. Б.Р.-Ј.

2019-01-05T19:42:46+00:00 0 коментари