ВЕЗЕНКОВ, Стојан

ВЕЗЕНКОВ, Стојан (Крушево, 1828 – Одеса, Русија, 19. Ⅰ 1897) – познат мајстор-градежник, еден од првите дејци за организирање македонско-албанска соработка за ослободување од турското господство и активен учесник во антитурските војни на Балканот. Како заможен градежен претприемач (устабашија), 25 години е на високо платена турска државна служба и изведува клучни градежни објекти во Битола (ја гради и воената касарна во градот) и добива султанови признанија и привилегии. По порачка од турската Стојан Везенков влада гради мост на р. Марица кај Одрин и на р. Нишава кај Ниш. Меѓувремено се зближува со влијателни месни турски личности, но и со угледни албански првенци. По Кримската војна, од 1861 г. лично контактира и со руските дипломатски пртставници во Битола, во Солун и во Цариград Хитрово, Лаговски и Лобанов и добива не само морална, туку и материјална помош за организирање востанички активности во Македонија и во Албанија. Патува по Балканот, се запознава и со српскиот дипломатски претставник во Цариград Јован Ристиќ, стапува во тајна врска со српската влада и го префрла семејството во Србија. Во духот на програмата на Милутин Гарашанин и идеологијата на кралот Михајло Обреновиќ, во 1867 г. се обидува да организира оружено востание во Македонија и во Албанија. Уапсен е од турските власти на српско-турската граница и по повеќемесечен затвор во Ниш е осуден на смрт, но при бесењето се скинува јажето и е оставен на доживотен затвор. По многу интервенции и со лично залагање на рускиот император, султанот го ослободува од затворот. Заедно со Иљо Малешевски, Ѓорѓија Пулевски, Димитар Беровски и други Македонци учествува во битките со турскиот гарнизон во Белград, а потоа во востаничките движења во Европска Турција, како и во Српско-турската и во Руско-турската војна (1877–1878). Под непосредно раководство на М. А. Хитрово собира доброволци по Србија и Романија и како единствен Македонец е присутен во Цариград при склучувањето на прелиминарниот Санстефански мировен договор. Брат му Константин завршува медицина во Русија и како воен лекар е смртно ранет во Руско-турската војна. Син му Владимир се школува во руската Воена академија и станува висок офицер (подоцна доброволец во Првата балканска војна и автор на книга за Македонија). Закитен со руски ордени, како пензионер се повлекува со семејството во Русија и животот го завршува во Одеса наполно заборавен и во голема сиромаштија. Димитрија Чуповски има допири со син му Владимир и е соидејник и соработник со внук му (од брат) А. П. Везенков. Големата слика на Ст. В. е постојано во Бирото на Чуповски, објавена и во сп. „Македонск˜й голос„ (Македонски глас)” со висока оценка дека е „виден македонски водач, борец за независноста на Македонија”.ЛИТ.: Патриотически и нас„рдчителни разкази избрани из„ автобиографията на изв‹стния: труженик„, апостол„, заточеник„ и бивш„ учителÝ при Петро-Павловската духовна семинария Иван„ Б. шумков„, София, 1907, 326–327; Сто-ян„ Вîзанко, „Македонск˜й голос„ (Македонски глас)”, И, 4, С.-Петербург„, 14. Ⅷ 1913, 1; Система коварства и предателÝства, МГ, И, 6, 10. Х 1913, 102–103; ГраÚа за историју македонског народа из Архива Србије. Приредио др Климент Џамбазовски, том Ⅱ, књига Ⅱ (1864–1868), Београд, 1982, 178–180; Георги Томалевски, Майстор Стоян Везенков. Повест за един живот, София, 1964; Загорка Присаѓанец-Тодоровска, Запис за Стојан Везенков (Поглавје од културно-политичката историја на Македонија), зб.: Бигорски научно-културни собири 1974-1975, Скопје, 1976, 121–134; Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878-1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, И, Скопје, 1978, 328–329; истиот, Портрети и процеси од македонската литературна и нацонална историја, И, Скопје, 1989, 263 и 484. Бл. Р.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.