ВАТАШКА ПЕЧАТНИЦА

ВАТАШКА ПЕЧАТНИЦА . (с. Ваташа, Кавадаречко, 1847–1848) ‡ една од првите печатници во Македонија, отворена од месниот учител и преродбеник Камче Наков Попангелов (в.), познат како Даскал Камче и неговиот финансиски ортак, ваташкиот трговец Јовко Марков. Идејата за отворање на печатницата ја добил од контактите со познатиот македонски печатар архимандритот Теодосиј Синаитски. Со парите на Ј. Марков, набавил словенски букви во Белград (1847). Според непотврдени известувања, во неа биле напечатени книшки со изреки, меѓу кои и првото книжевно дело од неговиот пријател Јордан Хаџи Константинов-Џинот (в.) „Таблица перваја”, напишана според „Ижице први дарови” од Доситеј Обрадовиќ. Таблицата е печатена во две колони на еден лист со големина од 44 цм должина и 32 цм ширина, опкружена со ѕвездички, со намена за закачување на ѕид за да читаат учениците. Во оставнината на ваташкиот револуционер и општественик Ристо Џунов е зачувано и едно непроучено издание од оваа печатница со формат А4. Кога грчкиот владика од Струмица дознал за постоењето на печатницата (1848), го забранил неговото учителствување во селото и на неговото место испратил друг учител од Серес. Но ваташани не го прифатиле новоназначениот учител и го набркале од селото, па К. Н. Попангелов го продолжил своето учителствување, а за да не ја запленат печатницата, потајно ја пренел во Велес или Солун. ЛИТ.: Харалампие Поленаковиќ, Избрани дела, 3, Скопје, 1989, 290–300; Си-мо Младеновски, Учителот Камче Наков Попангелов и неговата просветителска дејност во с. Ваташа, Тиквешко, „школството, просветата и културата во Македонија во времето на преродбата”, МАНУ, Скопје, 1979, 453–464; Блаже Ристовски, Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја, И, Скопје, 1989, 351 и 346–347; Даскал Камче. Спомени и материјали, предговор и редакција Петре Камчевски, Музеј-галерија, Кавадарци, 2006. С. Мл. Пренос на коските на стреланите ваташки деца

2019-01-05T19:42:42+01:00 0 коментари