ВАРДАРСКИ ПАТ

ВАРДАРСКИ ПАТ – антички пат забележен на Појтингеровата карта. Доаѓајќи од Наисус и Улпијана, од правец на денешно Косово, патот минувал низ Качаничка Клисура, под градот на Давина Кула на излезот од клисурата, спроти с. Орман и доаѓал до Скупи. Скопската Котлина ја минувал за 20 км по куса линија до гратчето на Градиште кај Таор. Оттаму, наредните 7 км до каструмот Президиум, кај Бадер, а потоа по клисурата на Пчиња, крај кастелот Маркови Кули, во реката под Кожле, а преку нејзината утока во р. Вардар до кастелот Кале Сопот (Кефалон од Т. П.). Оттука, трасата водела под Кале Башино Село, кон Кале Велес во Велешката Клисура. По наредните 7 км магистралата пристигнувала во утврдената населба Гурбита, на Градиште с. Згрополци, а по наредните 13 км до градот Стоби. По 17 км следува градот Антигонеја, а по 13 км градот Стенае кај Демир Капија. Низ Демиркаписката Клисура магистралата водела по должината на десниот брег на Вардар, контролирана од најмалку три точки (Чукајлица, с. Клисура, Градиште Голема Јаворица и кота 113, с. Удово). Магистралата водела до месноста Градишор Мрамор, с. Милетково, спроти градот на Исар Марвинци, претпоставените Идомене–Добер. Трасата на магистралата во Гевгелиско-Валандовскиот регион е сè уште дискутабилна. Предложени се следниве делници: Удово–ВаландовоДедели–Фурка– Дојран (Тауријана) и Милетково–Марвинци–Грчиште–Ѓавато– Богданци–Дојран (Тауријана). Првата варијанта нелогично ги заобиколува големите градови и населби на Исар Марвинци, Глос Грчиште, високата контролна кастел-спекула на локалитетот Мамино над Ѓавато и, секако, Вардарски Рид, Гевгелија, коишто својот развој го должат токму на патната магистрала. ЛИТ.: В. Лилчиќ, Античка патна мрежа, Археолошка карта на Република Македонија, И, Скопје, 1994, 114-115; И. Микулчиќ, Антички градови во Македонија, Скопје, 1999, 225-226. В. Л.

Напишете коментар