ВАЛАНДОВСКА АФЕРА

ВАЛАНДОВСКА АФЕРА (1915) – бугарска воена провокација со македонски жртви и српски тортури. На 1/2. Ⅳ 1915 г., 3.000 бугарски војници, во чиј состав имало македонски врховистички, албански и турски чети, материјално помогнати и поттикнати од Австро-Унгарија и од Германија, ги нападнале и ги освоиле 15-те села во триаголникот Струмица, Валандово и Радовиш. Ја нападнале железничката станица кај селото Удово, со цел да ги урнат мостовите на железничката линија Демир Капија и Гевгелија, за да го спречат важниот антантин премин на српската војска преку Македонија за Солун. По аферата бугарските воени власти со себе повеле 5.508 македонски месни жители од споменатите 15 села. При противнападот српските власти извршиле невидени репресалии над невиното македонско население во овие предели. ЛИТ.: В. Картов, Валандово и Валандовско низ историјата, Скопје, 1972; А. Трајановски, Репресалиите во Лакавичко-радовишкиот реон и во триаголникот Струмица, Радовиш и Валандово (1912– 1915), „Гласник на ИНИ“, 46/2, Скопје, 2002. Ал. Тр.

Напишете коментар