ВАЛАНДОВО

ВАЛАНДОВО – град во јужниот дел на Република Македонија: 4.402 ж. (2002). Се наоѓа во северниот крај на Гевгелиско–валандовската котлина, во подножјето на планината Плавуш, на надморска височина помеѓу 110 и 150 м. Зафаќа површина од 120 ха. Западно од градот поминува магистралниот пат М–1, а преку станицата во с. Миравци е поврзано со железничката линија СкопјеГевгелијаСолун. Има променета средоземноморска клима, со просечна годишна температура на воздухот од 14,2°С. Откриените римски мозаици на неколку места во градот сведочат дека на територијата на денешниот град В. постоела римска градска населба. Како словенска населба В. за првпат се споменува во 1349 г. Било именувано како Алавандово, што значи цветен град. Турскиот патописец Евлија Челебија, кој го посетил Валандово во втората половина на ⅩⅤⅠⅠ в. наведува дека тоа било седиште на нахија. Челебија во својата патописна белешка вели: Валандово е касаба (мало гратче), опколено со лозја и шу-ми. Има 150 куќи со 900 жители, чаршија составена од 50 дуќани, една мала џамија, амам, два ана и голем манастир со многу калуѓери. Наоѓајќи се на „Солунското џаде”, В. било карванска станица. Сепак и понатаму тоа останало мало гратче во кое во 1931 г. живееле само 1.410 ж. Таа година градот настрадал од силен земјотрес. Во 2002 г. во В. живееле 4.402 ж. Од нив 4.279 ж. биле Македонци или 97,2%. Меѓу малцинствата 58 ж. или 1,3% биле Срби, 26 ж. или 0,6% биле Турци и малку Роми, 13 ж. Градот е седиште на општина која зафаќа површина од 33.140 ха, има 29 населени места со 11.890 ж. Населението главно се занимава со земјоделство. Од индустриските објекти постојат: конфекциската фабрика „Ватекс”, фабриката за производство на солени стапчиња, тутунскиот комбинат „6 Ноември”, винарска визба со капацитет од 1.000 вагони вино, ладилник со капацитет од 5.500 тони. Во сферата на образованието и културата постои гимназија, централно основно училиште, градска библиотека, кино и локална радиостаница. Секоја година се одржува фолкфест „Валандово”. Во градот има хотел, здравствен дом, пошта и сеизмолошка станица. ЛИТ.: Александар Стојмилов, Социоекономска географија на Република Македонија, Скопје, 2005. Ал. Ст.

2019-01-05T19:42:39+00:00 0 коментари