//БУЏЕТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

БУЏЕТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

БУЏЕТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – годишен план за финансирање на функциите и обврските на државата, а се состои од годишна проценка на приходите и на расходите по намени. Приходите и расходите во буџетот се предвидуваат и се одобруваат за идниот период, по правило за една година, која се нарекува буџетска или фискална година. Според македонското буџетско законодавство, буџетската година се совпаѓа со календарската, односно започнува на 1. И, а завршува на 31. Ⅻ. Буџетот го донесува Собранието на РМ. Во таа смисла, буџетот претставува акт со законска и административна сила. Од него произлегуваат овластувања и обврски за органите на извршната власт, кои го извршуваат буџетот, да ги реализираат приходите предвидени со буџетот и да ги извршуваат расходите во висина и за намени што се одборени во буџетот. Во буџетот на РМ бројките за приходите и расходите се искажуваат според претходно утврдена класификација, а нивниот обем е усогласен со економската политика и материјалните можности на земјата. Буџетот на РМ го сочинуваат средствата на корисниците од областа на законодавната, извршната и судската власт, односно буџетот на централната власт, како и буџетите на: Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за патишта, Фондот за води, Фондот за заштита и унапредување на животната средина и природата и Агенцијата за вработување на РМ. Според опфатот, буџетот на РМ е тип на консолидиран буџет што ги опфаќа буџетот на централната државна власт и буџетите на другите јавноправни тела кои се носители на јавни функции и имаат одредена финансиска автономија (засебни приходи и сл.). Во терминологијата на јавните финансии, овој тип на буџет е познат под називот „консолидиран буџет на централната држава”. Приходите на буџетот на централната државна власт се обезбедуваат од: а) даноци (данок на добивка, персонален данок на доход, данок на додадена вредност, акцизи); б) царини и други давачки од меѓународната трговија и трансакции; в) такси; г) неданочни приходи; д) донации примени од земјата и од странство; ѓ) други приходи остварени во согласност со закон. Покрај тоа, приходи на буџетот се и заемите од земјата и од странство, со кои се финансира буџетскиот дефицит. Приходите на буџетите на фондовите, како составен дел на буџетот на РМ, се обезбедуваат од: придонеси (од плати), надоместоци, трансфери од буџетот на централната државна власт, донации од земјата и од странство и од други приходи стекнати во согласност со законот. Расходите на буџетот на РМ ги сочинуваат: а) тековни расходи (плати, наемнини и надоместоци, расходи за стоки и услуги, тековни трансфери и каматни плаќања); б) капитални расходи (набавка на капитални средства и капитални трансфери); в) давање заеми и средства за купување на хартии од вредност; и г) отплата на главницата на внатрешниот и надворешниот долг. Дефицитот на буџетот на РМ се финансира со земање заеми од земјата (преку емисија на краткорочни хартии од вредност, т.е. државни записи, а од неодамна и на државни обврзници) и од странство. Со финансиските средства на буџетот на РМ управува трезорот, кој е во рамките на Министерството за финансии. Вкупните приходи на буџетот на РМ учествуваат со 35,5% во бруто домашниот производ во 2005 г. Даночните приходи, што ги опфаќаат даноците на буџетот на централната државна власт и придонесите на фондовите (ПИОМ, за здравство и за вработување) чинат скоро 84% од вкупните приходи на буџетот на РМ во 2005 г. Само даночните приходи на централната државна власт чинат 55% од вкупните буџетски приходи на РМ за 2005 г. Меѓу одделните даноци, најважна улога имаат: данокот на додадена вредност, акцизите и персоналниот данок на доход. Само даноците на потрошувачката (ДДВ и акцизите) имаат учество од речиси 70% во даночните приходи, или 13,7% во БДП, со што РМ се вбројува во земјите со највисока застапеност на овие даноци во светот. Високото учество на даноците на потрошувачката, од аспект на економските ефекти на штедењето и инвестициите, економски е оправдано, но од социјално-политички аспект е неповолно поради регресивните ефекти на овие даноци. Во структурата на вкупните расходи доминантно учество имаат тековните расходи со скоро 90% во 2005 година. Најголеми расходни ставки во 2005 година се платите и надоместоците (22,8%) и социјалните трансфери (46,8%). Капиталните расходи во 2005 г. бележат учество од само 10,2% во вкупните расходи на буџетот на РМ, што зборува за неповолната структура на вкупните буџетски расходи која, како таква, не е во функција на поттикнување на економскиот раст. Значајна карактеристика на буџетот на РМ претставува состојбата со буџетскиот дефицит. Почнувајќи од 1993 г., фискалната политика беше насочена кон остварувањето на оддржлива фискална позиција во овој поглед. Мерките на фискалната консолидација, кои главно се преземаа во сферата на буџетските расходи, придонесоа буџетскиот дефицит во периодот 1995-1998 да се одржува на ниво до 2% од БДП. По конфликтните години (2001 и 2002), кога буџетските дефицити нагло се зголемија (7,2% и 5,7% од БДП, респективно), во 2003 г. јавните финансии се консолидираа, така што во оваа година дефицитот се намали на 1,7% од БДП, а во следните години, заклучно со 2005 г., се спушти под 1% од БДП (односно 0,6% во 2005 г.). ИЗВ.: Министерство за финансии на Република Македонија, „Билтен”, 11-12, 2006.ЛИТ.: Живко Атанасовски, Јавни финансии, Економски факултет, Скопје, 2004. Ж. А.

2019-01-05T19:41:24+01:00 0 коментари