//БУЏЕТСКИ СИСТЕМ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

БУЏЕТСКИ СИСТЕМ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

БУЏЕТСКИ СИСТЕМ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – позитивни прописи, институции и односи кои ја конституираат целината на буџетското финансирање на земјата. Буџетскиот систем на РМ се развиваше напоредно со развојот и менувањето на стопанскиот и политичкиот систем на земјата. Во почетокот на деведесеттите години од минатиот век, буџетскиот систем носеше белези и функционираше според буџетското законодавство на поранешната Југословенска федерација. Во почетокот, напорите на новата самостојна и независна држава беа насочени кон надминување на рецидивите на нерационалниот и неефикасен систем на јавното финансирање, што се карактеризираше со екстремен буџетски плурализам. Тој систем беше заснован врз мноштво субјекти како носители на одлуки и на разгранет систем на инструменти на јавното финансирање. Од една страна, во рамките на концепцијата за деетатизација на општествените служби и нивното самоуправно организирање, се разви интегрален концепт за самоуправните интересни заедници, преку кои се финансираше т.н. заедничка потрошувачка, од придонесите што се плаќаа врз основа на општествените договори и самоуправните спогодби, од страна на граѓаните, претпријатијата и другите корисници на услугите; од друга страна, се формираше колосекот на буџетското финансирање на т.н. општи општествени потреби (всушност, класичните државни функции), со средства од фискалните давачки (даноци и сл.). Со донесувањето на Законот за буџетите (1993) од страна на Собранието на новата самостојна држава, се направи пресврт во уредувањето на нов и модерен буџетски систем, кој е компатибилен со системите на земјите со развиена пазарна економија. Со овој закон се создаде основа дефинитивно да се надмине буџетскиот плурализам и да се изгради рационален систем, врз принципот на буџетското единство. Во јавното финансирање на различните видови јавни добра, буџетот се прифати како единствен инструмент во кој се искажуваат и се одобруваат приходите и расходите на централната власт, единиците на локалната власт (општите) и на фондовите, како посебни јавноправни тела во системот на јавното финансирање. Согласно со принципот на буџетската потполност, сите приходи на корисниците од областа на законодавната, извршната и судската власт и единките корисници во нивниот состав, како и на единиците на локалната самоуправа и на фондовите, се искажуваат во одделните буџети. Функционалната структура на буџетскиот систем ја сочинуваат три сегменти: буџетот на централната државна власт, буџетите на фондовите и буџетите на единиците на локалната самоуправа (општините). Буџетот на централната државна власт и буџетите на фондовите (за ПИО, за здравство, за патишта итн.) го сочинуваат консолидираниот буџет на централната држава, или според македонското буџетско законодавство, буџетот на РМ. Консолидираниот буџет на централната држава, заедно со буџетите на единиците на локалната самоуправа, го сочинуваат консолидираниот буџет на општата држава. Буџетите на сите носители на јавното финансирање се алиментираат од засебни приходни извори (даноци, неданочни приходи, дотации и други извори). Фискален суверенитет има само централната државна власт. Единствено Собранието на РМ може да воведува и да ги уредува даноците и другите јавни давачки, еднообразно на територијата на државата. Општините како локални единици на власта се овластени, во рам-ките на одредени лимити, да ги уредуваат единствено стапките на даноците на имот, кои се типични локални даноци. Системот на распределба на приходните извори (даноците) не обезбедува доволно средства за финансирање на оригинарните надлежности на општините, така што средствата што недостигаат се обезбедуваат во вид на дотации од буџетот на централната власт (за одредени намени и од буџетите на фондовите). Во однос на задолжувањето, само Владата на РМ има право да зема заеми од правни и од физички лица во земјата и од странство, врз основа на закон, за покривање на буџетскиот дефицит и да дава гаранции за отплата на обврските по основ на земени заеми за оваа намена. Единиците на локалната самоуправа и фондовите можат краткорочно да се задолжуваат кај централната власт. Буџетскиот процес во РМ е уреден во со-гласност со модерното буџетско законодавство. Овој процес опфаќа, во основа, три фази: составување (изготвување) на буџетот, што е во надлежност на извршната власт; донесување (изгласување) на буџетот, што е во надлежност на Собранието на РМ (на советите на општините во случајот со локалните буџети); и извршување на буџетот, што е во надлежност на органите на извршната власт. За управување со финансиските средства на буџетите се грижи трезорот, кој е во состав на Министерството за финансии. Трезорот води евиденција за сите трансакции на приходите и расходите на буџетот на РМ, на корисниците и единките корисници на средства од буџетот, а, исто така, води евиденција за наплатата за приходите на единиците на локалната самоуправа и за нивната дистрибуција и контрола. ЛИТ.: Закон за буџетите, Службен весник на Република Македонија, Скопје, 1993. Ж. А.

2019-01-05T19:41:24+01:00 0 коментари