БУКУРЕШКИ МИРОВЕН ДОГОВОР

БУКУРЕШКИ МИРОВЕН ДОГОВОР (Букурешт, 28. Ⅶ / 10. Ⅷ 1913) – договор меѓу Грција, Србија, Црна Гора и Романија, од една, и Бугарија од друга страна. Во Договорот извршиле поделба на териториите по промените создадени со војната и утврдиле нови граници. Македонија била поделена меѓу Грција, Србија и Бугарија. Србија го задржала окупираниот Вардарски дел од Македонија, без Струмичко, а Грција окупираниот Егејски дел од Македонија на исток до утоката на р. Места во Егејското Море. На Бугарија $ бил оставен најмалиот Пирински дел од Македонија. Мешаната српско-бугарска и мешаната грчко-бугарска комисија биле задолжени за обележување на теренот на новите граници, во рок од 15 дена од потпишувањето на Договорот. Бугарија била обврзана својата армија да ја преведе во мирновременска положба, со евакуацијата на окупираните територии (старите и новите) да започне веднаш по демобилизацијата на армијата и да заврши за 15 дена. По размената на ратификациите се предвидувало државите-потписнички да извршат размена на заробениците. ЛИТ.: Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, 1, Скопје, 1981; Скопје, 2000; Македонија во меѓународните договори 1875–1919, Скопје, 1994. М. Мин.