БУГАРСКО-ТУРСКИ ДОГОВОР – Цариград

БУГАРСКО-ТУРСКИ ДОГОВОР – Цариград (26. Ⅲ /8. Ⅳ 1904) – договор за нормализирање на меѓусебните односи влошени со Илинденското востание во Македонија. До влошување дошло по обвинувањата од Цариград за замешаност на Кнежевството за предизвикување на востанието. Со Договорот Владата на Кнежевството Бугарија се обврзала да го спречи создавањето револуционерни комитети и вооружени чети и нивно дејствување против Османлиското Царство, да ги казнува своите државјани замешани во такви дејства, да спречува преминување и пренесување експлозивни материјали и оружје преку демаркационата линија во Македонија. Владата на Турција се обврзала да ги спроведе реформите предвидени со Мирцштегската програма и да ги амнестира учесниците во Илинденското востание. Турција ја исполнила обврската за давање амнестија, а ги опструирала реформите во Македонија. Бугарското Кнежевство не го запрело, туку го изнтензивирало пропагандното и вооруженото дејствување на четите уфрлувани во Македонија. ЛИТ.: Македонија во билатералните и мултилтерални договори на балканските држави, Скопје, 2000. М. Мин.

Напишете коментар