БУГАРСКО-СРПСКИ ДОГОВОР ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО И СОЈУЗ

БУГАРСКО-СРПСКИ ДОГОВОР ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО И СОЈУЗ (Софија, 29. Ⅱ /13. Ⅲ 1912) – договор со важност до 31. Ⅻ 1920 год. Договорните страни се обврзале заемно да си гарантираат државна независност и територијален интегритет; да дејствуваат со сите свои расположливи сили во случај која било голема сила да окупира или само привремено да заземе дел од балканските територии под османлиска власт, ако го смета едната тоа за спротивно на нејзините животни интереси и за причина за војна. Договорот можел да се објави или да им се соопшти на други држави само по претходна согласност, услов предвиден и за пристапување во сојуз на друга, односно други држави. Во Тајниот додаток договориле: на сите заземени територии да се воспостави заедничка власт (кондоминиум), поделбата да се изврши веднаш или најдоцна во рок од три месеци по воспоставување на мирот. Бугарија на Србија $ го признавала правото на териториите северно и западно од шар Планина, а Србија на Бугарија правото на териториите ис-точно од Родопите и од р. Струма. За Македонија, територијата меѓу шар Планина, Родопите, Егејското Море и Охридското Езеро, се договориле, ако се увереле двете страни дека не можело да се организира во посебна автономна област, да ја поделат. Србија се обврзала да не бара територија надвор од линијата што поаѓала од бугарско-отоманската граница од Голем Врв и продолжувала на југозапад и излегувала на Охридското Езеро. Бугарија се обврзала да ја прифати таа линија – ако ја потврдел рускиот цар, во својство на врховен арбитер, како линија што одговарала најмногу на интересите на двете страни. Договорните страни се согласиле и секој друг спор во врска со толкувањето и со исполнувањето на одредбите од Договорот да се поднесува на Русија за конечно решение. Договорните страни потпишале и Воена конвенција и ги утврдиле меѓусебните обврски во случај Бугарија да биде нападната од Романија или пак Србија да биде нападната од Австро-Унгарија. За водењето на војната против Турција генералштабовите на нивните армии потпишале две спогодби, во Варна (19. Ⅵ / 2. Ⅶ 1912) и во Софија (15/28. IX 1912). Сојузот бил создаден под покровителство на Русија која ги известила доверливо за тоа Велика Британија и Франција. ЛИТ.: Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, 1, Скопје, 1981; Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави, Скопје, 2000; Ал. Христов – Ј. Донев, Македонија во меѓународните договори, Скопје, 1994. М. Мин.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.