БУГАРСКИ КЛУБ

БУГАРСКИ КЛУБ (Солун, 1941– 1944) – политичко-пропагандна институција и военоразузнавачки центар на бугарската Влада. Оваа разузнавачко-известителна дејност ја раководеле високи офицери на Бугарската армија. Клубот бил формиран од Македонци по род од Егејскиот дел на Македонија (Димитар Ѓерамов, Неделко Чаушев, Никола Филипов и др.). Во политичко-пропагандната дејност биле ангажирани пробугарски определени и заврбувани Македонци во Солун и во внатрешноста (Мито шалев од Кукуш, Петар Далкалачев од Воденско и др.), кои во содејство со Македонско-бугарскиот комитет дејствувале за создавање пробугарско политичко и оружено комитско движење за борба против македонското национално партизанско движење. ЛИТ.: Ташко Мамуровски, Бугарската пропаганда во Југозападна и Централна Егејска Македонија (1941–1944), Скопје, 1989. М. Мин.