//БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА

БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА

БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА – период што го опфаќа главно Ⅱ милениум пр.н.е. Се јавува како своевидна етнокултурна стабилизација по најмладите индоевропски продори на овој дел од Балканот, коишто предизвикале продолжено траење на претходниот период на бакарното време (енеолит) до последните векови на Ⅲ милениум пр. н.е. Раното бронзено време го опфаќа крајот на Ⅲ и првите векови на Ⅱ милениум пр.н.е. Остварува културни и хронолошки релации со културата од раното бронзено време по долината на реката Морава (Бубањ Хум Ⅲ), на север, и со среднохеладската култура во Тесалија, на југ. Најзначајни откритија од оваа фаза се оние на локалитетот Градиште – Пелинце, кај Куманово (на север), и особено населбите во рам-ките на локалната Пелагониска или т.н. Арменохори група (на југ). Локалитетот Градиште – Пелинце претставува ретка населба со светилиште, додека локалитетите во Пелагониската група се повеќеслојни населби-телови, т.н. тумби, со континуиран живот уште од времето на неолитот. Средното бронзено време се карактеризира со продолжување и со натамошен развој на традициите од претходната фаза, сè до продорот на микенските елементи и прифаќањето на културните влијанија од егејскиот југ, во текот на ⅩⅣ век пр.н.е. Најзначајни наоди од оваа фаза се откриени на локалитетот Тумба – Радобор кај Битола (повеќеслојна населба со богат археолошки материјал, најмногу керамички садови, најчесто неупотребувани, во изворна положба во неколкуте истражени пространи печки за печење керамика). Доцното бронзено време го опфаќа периодот од ХИВ до Ⅻ век пр.н.е., кога се воспоставуваат непосредни контакти со егејскиот свет. Најсилен израз на оваа фаза е т.н. Повардарска или Уланци група на доцното бронзено време. Наоѓалиштата од оваа група, главно некрополи, се простираат најмногу по текот на реката Вардар, но и по нејзините главни притоки (Црна Река и Брегалница) – Вардарски Рид, Уланци, Водоврати, Демир Капија, Долно Соње, Безанија и др. Основни белези на оваа група се погребувањата со згрчена инхумација, карактеристичните форми на монохромна керамика, локалните мат-боени садови, копиите на микенските форми, како и некои специфични форми на бронзен накит кај кои се чувствува силно влијание од егејското бронзено време. ЛИТ.: М. Гарашанин, Централно балкански комплекс бронзаног доба, ПЈЗ, ИВ, Сарајево 1983; Д. Митревски, Прехисторѕ ин Републиц оф Мацедониа, Балцан Прехисторѕ, Тессалоники, 2003. Др. М.

2019-01-05T19:41:20+00:00 0 коментари