БОЈАЏИУ, Гонџа Агнеза Николова

БОЈАЏИУ, Гонџа Агнеза Николова (Мајка Тереза) (Скопје, 27. Ⅷ 1910 – Калкута, Индија, 4. IX 1997) – католичка мисионерка и хуманитарка. Завршила гимназија во Скопје и стапила во редот на Мајката Божја од Лорет (Нотре Даме де Лоретте) во Ирска (1928). Името Тереза го зела според истоимената француска светица. Наскоро отишла во Индија (1929) како мисионерка за сиромашните и болните во Калкута и останала повеќе од 65 години. Таму го основала друштвото Мисионерки на љубовта (1948), кое нараснало на околу 180 калуѓерски домови со околу 1800 калуѓерки, меѓу кои и калуѓерски дом во Скопје (1980). Во нивните објекти се лекувале над 56.000 луѓе. Носител е на многу светски награди за хуманост, почесни докторати на универзитети, Нобеловата награда за мир (1979), највисокото индиско мирновременско признание „Ба-рат Ратна” (Бисер на Индија, 26. Ⅰ 1980) и специјална награда за мир и образование наУНЕСКО (26. Ⅶ 1992). Покрената е постапка за нејзиното прогласување за светица на Католичката црква. ЛИТ.: Гордана Брајовић, Две жене један пут. Живе слике Индије – Индира Ганди и Мајка Тереза, „Вечерње новости”, ЏЏВИИИ, 8.087, Београд, 29. Ⅱ 1980, 11; М. К., Мајци Терези уручена златна плакета Скопља, „Политика”, ЛЏЏВИИ, 23968, Београд, 15. Ⅷ 1990, 13; Протест поради силувани калуѓерки. Писмо од Мајка Тереза до индискиот премиер, „Нова Македонија”, ЏЛВИ, 15646, Скопје, 15. Ⅷ 1990, 11; Специјална награда за Мајка Тереза, „Нова Македонија”, ЏЛВИИ, 16348, Скопје, 27, Ⅶ 1992, 13; Наташа Доковска, Скопјанка од Калкута, „Пулс”, Ⅶ, 312, Скопје, 10. Ⅰ 1997, 23–26; Јасмина Миронски, Скопје е свето место, „Пулс”, Ⅷ, 363-364, Скопје, 2. Ⅰ 1998, 67; Стојан Тренчевски, Скопјанката мајка Тереза, Скопје, 2003. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.