БОРБАТА КАЈ ФОЈНИЧКА ПЕШТЕРА

БОРБАТА КАЈ ФОЈНИЧКА ПЕШТЕРА (16. Ⅻ 1942) – помеѓу борците од Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ и бугарските полицајци, војници и контрачетници за време на декемвриската офанзива (1942), која Бугарите ја презеле со цел да се уништи Одредот. Група од 15 борци од составот на Втората чета се засолниле во Фојничка Пештера, во близина на с. Фојница, Велешко, но биле предадени, откриени и опколени. Во жестоката и нерамноправна борба, една група од шест борци со јуриш успеале да ја пробијат блокадата и да се спасат, додека другата група од седум борци, при обидот да го пробијат густиот кордон од војници и полицајци, биле убиени. ЛИТ.: Велес и Велешко во НОВ 1941–1945, Спомен книга, Т. Велес, 1985; Велешки партизански одред 1942, Скопје, 1999. Ѓ. Малк.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.