БОЛЕН ДОЈЧИН

БОЛЕН ДОЈЧИН -. историски непозната личност во преданијата и во народната поезија, секогаш поврзана за Солун. Во песните тој е побратим на Марко Крале, со што, според своите потреби и желби, народните творци ги обединуваат дејствувањето и животните патишта на омилените народни јунаци. Во народните песни токму тој го ослободува Марка од азачката темница (Миладиновци, бр. 156). Заедно со Марко и „сирак Јанко”, тој е чувар и бранител на градот Солун. Најпозната е песната за неговата борба со Црната Арапина (в). Иако тешко болен, тој ја спасува својата чест, честа на своето семејство, честа на солунските девојки и образот на градот Солун (Миладиновци, 153; Јастребов, 60 и др). Притоа импресионира неговата средба со Црна Арапина, мегданот, победата и смртта. Тоа е стереотипна епска фабула на јуначки мегдан по познат епски образец. Во преден план испакнува силината на човековата волја, поттикната од емоциите и јуначката чест, при што се потенцираат и ритуалните движења, складот на верноста и грижата на сопругата и сестрата, кои го подготвуваат за бојот. Таа е една од најубавите песни во македонската и во јужнословенската епика. ЛИТ.: Кирил Пенушлиски, Болен Дојчин, Скопје, 1986; Радован Павловски, Болен Дојчин, „Лик”, прилог на „Нова Македонија”, Скопје, 8. Ⅰ 1992, 15; Кирил Пенушлиски, Македонски фолклор. Историски преглед, Скопје, 1999, 236–240. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.