БОКСОТ ВО МАКЕДОНИЈА

БОКСОТ ВО МАКЕДОНИЈА. Прв го демонстрирал Стефан Ролев во Битола (1908) пред пашата, владиката и многубројната публика. Меѓу двете светски војни се одржани неколку бокс-мечеви во Битола (1936), Прилеп (1937) и во Скопје (1938). По Втората светска војна, првата боксерска секција е создадена од Страхил Андреевски во ЖСД „Победа” во Скопје, а подоцна и во „Вардар”, „Слога” и „Екипе” во Скопје, Велес, Битола, Прилеп и во Куманово. Секциите биле регистриртани во Тешкоатлетскиот одбор на ФИСОМ. Поединечно првенство на Македонија било одржано во Скопје (1948), а од наредната година и екипно. Била организирана и Републичка лига (1950). Некои клубови се натпреварувале и во Српско-македонската и во сојузните лиги. Македонските боксери настапувале поединечно на првенствата на Југославија (од 1951). Се организира Меѓународен турнир Златен гонг (од 1969). Живко Дуковски го освоил второто место за сениори во Југославија (1957), а Демир Ајдаров првото (1964). Подоцна и други македонски боксери станале шампиони и репрезентативци на Југославија. Аце Русевски и Реџеп Реџеповски од Куманово освоиле и олимписки медали. Лит.: Војо Настевски, Боксот во СР Македонија од првите почетоци до 1975 година, „Прилози за историјата на физичката култура на Македонија”, 1976, 13–19 и 1977, 7–19. Д. С.

2019-01-05T19:41:14+00:00 0 коментари