БОЖИК

Божикно празнување на Македонците во Австралија (црква „Св. Богородица-Пречиста”, Ливерпул, Сиднеј, 2008)

БОЖИК – еден од најголемите христијански празници. Се празнува во спомен на раѓањето на Спасителот Исус Христос. Во првите три века неговото раѓање и крштевање се празнувале заедно на 6/19 јануари како Богојавление/Водици. Македонскиот народ го празнува со голема почит. Одржаните обичаи се остатоци од минатото, но трансформирани во нов начин на празнување. На првиот ден од празникот се оди во црква, каде што се слуша литургија и веста за Христовото раѓање. По литургијата верниците што постеле во текот на долгите божиќни пости се причестуваат. Во текот на овие празнични денови верниците се поздравуваат со „Христос се роди” и отпоздравуваат со „Вистина се роди”. Првиот поздрав претставува соопштување на радосната вест, а вториот потврда на таа вест. Првиот ден обично се празнува во кругот на семејството, а следните два дена се оди на гости и се честитаат имендени. Вториот ден од празникот се вика Собор на Пресвета Богородица и е посветен на мајката Божја. Третиот ден се празнува споменот на св. првомаченик Стефан. Од Божик започнуваат дванаесетте т.н. Некрстени (Погани, Ристосови) денови што траат до Водици. Тоа е период исполнет со религиозен страв и разни магиски заштити. ЛИТ.: Сборникъ отъ български народни умотворения, част трета, отделъ Ⅰ и Ⅱ, Български оби=аи, обряди, суеверия и костÓми, книга Ⅶ, сљбрал и издава К. А. шапкарев, София 1891; Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази, прикупио и описао Стефан Тановић, учитељ, Београд, 1927; Вера Кличкова, Божиќни обичаи во Скопската Котлина, „Гласник на Етнолошкиот музеј”, 1, Скопје, 1960; Лазар Мирковић, Хеортологија, Београд, 1961; Наум Целакоски, Дебарца, обреди и обредни игри, Скопје, 1984. М. Кит.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.