БОДИН, Константин

БОДИН, Константин (? – 1101) – крал на Зета (1081–1101), син и наследник на кралот Михаил, водач на востанието на Ѓорѓи Војтех (1072–1073). Востаниците го прогласиле за цар под името Петар. По извесни успеси, во решавачката битка со Византијците, што се одиграла кај Пауни на Косово, бил поразен и заробен. Со помош на венецијански трговци успеал да избега од затвор и да се врати во Зета. Ја искористил војната на Норманите против Византија (1081–1085) и ги приклучил Рашка и Босна кон зетската држава. Од папата издејствувал Барската епископија да се подигне во ранг на архиепископија (1089). ЛИТ.: Лјетопис попа Дуклјанина, Загреб, 1950; Георгиус Цедренус Ⅱ, ед. И. Беккерус, Боннае, 1839. К. Аџ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.