БОГОМИЛСТВО

БОГОМИЛСТВО – општествено и религиозно дуалистичко учење и движење во периодот меѓу Ⅹ и ⅩⅤ век, проникнато од просторот на Македонија и проширено низ Византија и во другите јужнословенски средини. Именувано по основоположникот поп Богомил. Неговите протагонисти се нарекувале богомили. Сведоштвата за неговата идеолошка и верска особеност се наоѓаат во богомилските и во антибогомилските книжевни текстови, коишто потекнуваат од три основни извори: словенски, византиско-грчки и латински. Во Византија немало благопријатни услови за еретички пројави по поразот на иконоборството и со разгорувањето на антилатинските конфронтации. Во Македонија била воспоставена кирилометодиевската традиција и ширењето на словенската цивилизациска свест веќе почнала да добива антивизантиски карактер. Тоа условило во Македонија богомилството подеднакво да биде свртено против византиското владеење и против православната црква, сметана како инструмент на државата. Антибогомилската духовна и политичка идеологија на Византија станала корисно средство за ца-рот Самуил да ги вклучи и богомилите во својата духовна стратегија против централизираниот византиски протекторат врз христиБогомилски проповеди јанската црква. Со истиот мотив богомилите учествувале во двете македонски антивизантиски востанија на Петар Делјан од 1040/41 и на Ѓорѓи Војтех од 1072. Во периодот на Второто византиско царство (1261–1453) богомилството имало влијание врз духовниот и културниот живот, сообразено со новонастанатите идејни тенденции. Идеологијата на богомилската ерес произлегла од искуствата на постарите дуалистички учења: гностицизмот, манихејството, масилијанството и павлиќјанството, а нејзината дуалистичка онтологија се потпирала врз две основни начела – доброто (Бог) и лошото (Ѓаволот). Главните опонирања кон христијанството биле упатувани кон црковната институција, за којашто сметале дека нема ништо заедничко со конкретната христијанска еклезија. Имало критички однос кон богослужбите и црковните обреди, кон неморалноста на свештенството и нивното лажно посредување помеѓу верниците и Бога, чинот на крштавањето, причесната, почитувањето на крстот и иконите, светите мошти, воскресението на мртвите, празнувањата на празниците, итн. Сето ова сведочи дека богомилите ја негирале целокупната богослужбена, патристичка и проповедно-поучната книжевност, па самите создавале оригинална богомилска книжевност. Затоа, пак, како кон негаторска творечка пројава биле напишани и антибогомилски книжевни состави, меѓу кои најпопуларно било делото на Презвитер КозмаБеседа против богомилите“. Богомилските текстови, како творби на прогонувана идеологија, биле прикривани како народни или апокрифни. ЛИТ.: Богомилството на Балканот во светлината на најновите истражувања, Скопје, 1982; М. Ангеловска-Панова, Богомилството во духовната култура на Македонија, Скопје, 2004; Д. Драгојловиќ и В. Антиќ, Богомилството во средновековната изворна граѓа, Скопје, 1978; И. Велев, Византиско-македонски книжевни врски, Скопје, 2005. И. Вел.

Напишете коментар