БОГОЕВ, Ксенте

БОГОЕВ, Ксенте (с. Леуново, 20. Ⅹ 1919 – Скопје, 20. Ⅳ 2008) – економист, универзитетски професор, општественик, академик. Основно училиште завршил во Гостивар, гимназија во Скопје (1937), а Економскиот факултет во Белград (1951). Докторирал економски науки на Универзитетот во Белград (1962). За професор на Економскиот факултет во Скопје е избран во 1952 г. На редовните студии на Економскиот факултет предавал финансиска теорија и политика, на постдипломските студии на истиот факултет фискална политика, а на постдипломските студии на Економскиот факултет во Загреб комунални финансии. Бил визитингпрофесор на Државниот универзитет во Флорида, САД. Тој бил и директор на Економскиот институт во Скопје (1945), продекан на Економскиот факултет во Скопје (1952–1954), декан на истиот факултет (1961–1963), ректор на Универзитетот во Скопје (1966– 1968), претседател на Заедницата на југословенските универзитети (1966– 1968), дописен (1974) и редовен член на МАНУ (1979), секретар на Одделението за општествени науки на МАНУ (1983– 1991), претседател на МАНУ (1992–1999) и раководител на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ (2000). Како познат економски експерт, извршувал бројни и вонредно значајни општествено-политички функции: заменик-министер за финансии на НРМ (1945–1952), Ксенте Богоев економски советник на Постојаната југословенска делегација при ОЕЦД во Париз (1955–1957), потпретседател на Извршниот совет (Владата) на СРМ (1967–1968), претседател на Извршниот совет на СРМ (1968–1974), член на Претседателството на СРМ (1974–1977), гувернер на Народната банка на СФРЈ (1977–1981). По осамостојувањето на земјата, бил советник на Министерството за финансии (1994–1998) и советник на претседателот на Владата на РМ (2005– 2006). Богоев влегува во редот на доајените на македонската економска наука. Автор е на повеќе од 250 научни и стручни трудови (книги, научни проекти, монографии, статии), објавени во земјата и во странство. Основоположник е на научните дисциплини од областа на фискалната и монетарната теорија и политика, со неспорен придонес за нивното модерно конципирање и за нивниот континуиран развој до денешни дни. Тој е и еден од основачите на првиот постдипломски студиум од областа на монетарните проблеми во југословенски рамки, студиум на кој се едуцираа најпознатите експерти од оваа област од поранешната СФРЈ. Како професор на Економскиот факултет во Скопје, се здоби со репутација на врвен предавач, човек со широки и модерни погледи за проблематиката што ја изучува и предава, научник кој секогаш е во тек со најновите достигнувања на светската економска наука, а со тоа и со голем респект помеѓу студентите на редовните и на постдипломските студии и помеѓу неговите колеги од земјата и од странство. Под водството на акад. Богоев магистрираа и докторираа голем број економисти од земјата и од поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги тука и нашите најпознати економисти, денес, главно, универзитетски професори. Како искусен и врвен научен истражувач, тој беше раководител на бројни научни проекти, меѓу кои и оние од фундаментално значење за развојот на земјата – реформата на даночниот систем, националната стратегија за развој, извозната стратегија на РМ и др. Акад. Богоев е и еден од авторите на Блуе Риббон Репорт (Синиот извештај на УНДП) за РМ. Неговиот вонредно богат научен и теоретски опус, не само од областа на јавните финансии, туку и пошироко, од областа на современата макроекономија (економскиот развој, инфлацијата, невработеноста и макроекономските политики), бројните трудови, посебно статии со истражувачки карактеристики, иновативниот пристап и научниот придонес, му донесоа престиж на реномиран економист, не само во земјата и во поранешните југословенски простори туку и пошироко. Потврда за тоа е фактот што Богоев значаен број од своите трудови ги изложувал пред научни работници и експерти на странски универзитети (Солун, Буенос Аирес, Москва, Париз, Лондон, Монтреал, Вашингтон, Лос Анџелес, Станфорд, Блумингтон, Хале, Регенсбург, Најроби итн.). Како врвен и афирмиран економист, акад. Богоев е член на повеќе странски акдемии: Европската академија, Медитеранската академија и Академијата на науките во Безансон, а е професор хонорис цауса на Универзитетот во Хале, СР Германија. Акад. Богоев своите богати теоретски знаења успешно ги аплицира во реалниот економски живот, а одговорните функции ги извршува со дигнитет на врвен и почитуван експерт и со неспорна професионалност, компетентност и ерудитивност. Како претседател на МАНУ во два ман-дата, во периодот на осамостојувањето на земјата и борбата за признавање на нејзиниот меѓународен субјективитет, Богоев даде особен придонес за развојот, зацврстувањето и понатамошното афирмирање на интегритетот и репутацијата на МАНУ како врвна научна институција. Со својата континуирана наставна и научноистражувачка работа (од педесеттите години на минатиот век до денес) во една од најкомплексните области на економската наука – јавните финансии, со својата репутација на врвен економист, со своето одговорно и компетентно извршување на бројни експертски и високи општествено-политички функции, Богоев остави неизбришливи траги во развојот на современата македонска наука и во нејзиното афирмирање надвор од границите на земјата. БИБ.: книги и учебници: Комуналне финансије, Економски факултет, Загреб, 1962; Финансиски систем на ФНРЈ, И и Ⅱ дел, Скопје, 1962; Фискална политика (за постдипломски студии), Скопје, 1964; Економика на СФРЈ (коавтор), Скопје (И изд. 1980, Ⅱ изд. 1983, Ⅲ изд. 1987); Економика на Југославија, (коавтор), Скопје, 1990; Даночниот систем на Македонија: теориски и практични аспекти (коавтор), Скопје, 1994; позначајни научни проекти (раководител): Локалне финансије Југославије, Београд, 1964; Федерализмот во областа на финансискиот систем на Југославија, МАНУ (1982–1984); Проблеми на демографскиот развој на СР Македонија (раководител и автор), МАНУ, 1985; Концепција за даночниот систем на Република Македонија, Министерство за финансии на Република Македонија (1991–1992); Макроекономската политика во отворените стопанства во периодот на транзицијата, МАНУ (1993–1994); Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија, МАНУ (1996– 1997); Економијата на Република Македонија во деведесеттите години, МАНУ (1998-2000); Извозна стратегија на Република Македонија, МАНУ (1998–1999). ЛИТ.: Економски факултет – Скопје – 50 години (1950–2000), Скопје 2000; Билтени на изборните собранија на МАНУ, 1974; 1979; МАНУ и Економски факултет – Скопје: Научен собир: Макроекономската политика во областа на финансиите – по повод 80 години од животот и 50 години наставна и научна дејност на академик Ксенте Богоев, Зборник на трудови, МАНУ, Скопје 2001. Т. Ф. Милчо Богоев

2019-01-05T19:41:12+00:00 0 коментари