//БИТКАТА КАЈ ГАВГАМЕЛА

БИТКАТА КАЈ ГАВГАМЕЛА

БИТКАТА КАЈ ГАВГАМЕЛА (1. Ⅹ 331 г. од ст.е.) – битка на левиот брег на р. Тигар меѓу македонската војска предводена од Александар Ⅲ Македонски и персиската војска предводена од Дариј Ⅲ. Ударната сила на македонската војска на двете крилни позиции е коњицата, а на централната е фалангата. Александар применил одличен стратешки план со воведување втор борбен ред; зад секое крило поставува одреди кои, во случај на напад од грб или страничен, можат да се свртат и да формираат затворен правоаголен ред со ударната борбена линија. Главниот удар го задава во центарот, каде што се наоѓа Дариј со своите елитни војски (Индијци на слонови, бактриската, персиската и скитската коњаница со српоносни коли); Персијците се разбиени, а Дариј бега од бојното поле. По победата Александар се прогласува за „Цар на Азија”. На 100 км од Гавгамела се запленети богатството на Дариј, неговата борна кола и оружјето. ЛИТ.: Аријан, Александровата Анабаса. Прев. М. Бузалкова, Скопје, 2000; К. К. Руф, Историја на Александар Македонски. Прев. Љ. Басотова, Скопје, 1998; Ф. Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, Скопје, 1995. А. шук.

2019-01-05T19:38:53+00:00 0 коментари