БИРОКРАТИЈАТА ВО ДФМ/ НРМ/СРМ/РМ

БИРОКРАТИЈАТА ВО ДФМ/ НРМ/СРМ/РМ -. општествен слој што го сочинуваат административните службеници на сите рамништа на државната организација. Бирократскиот слој во Македонија во периодот 1946-1990 година нагло се ширеше преку државниот и еднопартискиот апарат и доби значително висок статус во хиерархијата на општествениот престиж и привелегии. Неговото учество во вкупното население се движеше меѓу 7,5 и 8,6%. Бирократскиот слој има три потслоеви. Високи службеници, кои се вработени во највисоките државни органи, по правило се со високо образование и со висок престиж во скалата на професиите. Средниот и нискиот потслој ги сочинуваат оние што се вработени во општинските собранија и судови, како и шалтерските службеници што имаат средно и вишо образование и значително пониски приходи, моќ и престиж. Во периодот на транзицијата (по 1990) општествената позиција на администрацијата значително се менува, со тенденција за нејзино внатрешно раслојување и надолна подвижност. Висината на платите, особено на средниот и на нискиот потслој, значително заостанува во однос на сличните по образование кај претприемачките и менаџерските слоеви и групации. Нејзината моќ и остварениот престиж опаднаа до линија на несигурност во задржувањето на работното место поради политиката за нејзиното значително намалување, но и поради партиските вработувања и отпуштања. ЛИТ.: Михајло Ѓуриќ, Социологија Макса Вебера, Београд, 1997. Пет. Г.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.