БИЛЈАРСКИ ПЕСНИ

БИЛЈАРСКИ ПЕСНИ – пролетни обредно-календарски песни, поврзани со берењето на билките, со крмењето на добитокот и со запотнувањето на објектите. Тие се поврзани со одредени празници од народниот и црковниот календар, најмногу со Ѓурѓовден, но и со Летник, Свети 40 маченици, Благовец, Цветници, Иванден и др. Билките се берат навечер спроти празникот или наутро, пред изгрејсонце, на самиот празник. Притоа се пее: Ајде на билје, бела Билјано,/ билје да бериш, стадо да крмш,/ стадо да крмиш, стадо братово… итн.. За повеќето песни карактеристичен е рефренот Билјаро! Сл’нце грејет, цвеќе пулит, Билјаро!/ Ветер вејет, шума листит, Билјаро!/ Роса росит, трева растет, Билјаро! Песните имаат свечено-величална смисла. Тие ги опеваат најискрените надежи на луѓето за лична среќа, здравје, љубов и напредок на целото семејство и за здравје и приплод на добитокот. Песните се исполнети со силна симболика, присуство на хиперболи и сл. ЛИТ.: Марко Китевски, Златна чаша, Скопје, 1983; Наум Целакоски, Дебарца, обреди и обредни игри, Скопје, 1984; Кирил Пенушлиски, Одбрани фолклористички трудови, 2, Скопје, 1988; Марко Китевски, Македонска народна лирика, (Обредни песни), Скопје, 1997. М. Кит.