БИЛЈАНОСКИ, Златко

БИЛЈАНОСКИ, Златко (Злате) Каранфилев (псевд. Михајло) (с. Пуста Река, Крушевско, 25. Ⅰ 1920) – комунистички деец, првоборец и државник. Како печалбар низ Србија станал член на Урсовите синдикати, на СКОЈ (1936) и на КПЈ (1939). Во Априлската војна (6. Ⅳ 1941) бил заробен во Марибор и одведен во Лукенвалд (Германија). По ослободувањето (август 1941), извесно време бил во логор во Софија. По враќањето бил член на Околискиот комитет на СКОЈ, на МК на КПЈ и на Околискиот комитет на КПЈ во Крушево, политички комесар на чета во Крушевскиот НОПО „Питу Гули“ (септември 1942), заменик политички комесар на Мавровско-кичевскиот НОПО, заменик командант, а потоа и командант на Жупскиот НОПО, а кога тој прераснал во баталјон станал негов политички комесар. Бил избран делегат на АВНОЈ и делегат-учесник на Првото заседание на АСНОМ, заменик политички комесар на Третата македонска НОУБ, шеф на ОЗНА при Гш на НОВМ (август 1944). По Ослободувањето го завршил Економскиот факултет и извршувал разни политички и општествени должности: државен секретар за внатрешни работи на НРМ, член на ЦК на СКМ, член на Владата на НРМ, член на Извршниот совет на НРМ, директор на Царинската управа на СФРЈ, претседател на Комисијата за општествен надзор на Сојузното собрание, републички и сојузен пратеник во повеќе свикувања, потпретседател на Собранието на СРМ и претседател на Републичкиот одбор на СЗБНОВ на Македонија. Носител е на Партизанска споменица 1941 и одликуван со орденот „Народен херој на Југославија“ (29. XI 1953). БИБ.: Крвави траги, „Мисла“, Скопје, 1969; Манчу Матак, „Мисла“, Скопје, 1975; Одредот „Питу Гули“, „Мисла“, Скопје, 1973; Крушевски НОП одред, Војноиздавачки завод, Београд, 1971; Февруарски бели ноќи, НИК „Наша книга“, Скопје, 1972; Одредот „Питу Гули“, НИК „Наша книга“, Скопје, 1990. ЛИТ.: Билјановски Каранфиле Златко-Михајло (1920), Народни херои од Македонија, НИК „Наша книга“– Скопје, 1973, 58-63. С. Мл.

2019-01-05T19:38:51+01:00 0 коментари