БИЛТЕН

„БИЛТЕН“ (Битола, почеток на 1942 – почеток на 1943) – илегален орган на Месната организација на КПЈ во Битола. Излегувал на 10–15 дена, на македонски јазик, а бил печатен на техниката (рачна преса) на МК на КПЈ во Битола, во куќата на Томе Димитровски. Уредник бил Стефан Наумов-Стив, а соработници-автори биле и Мирче Ацев, Јордан Михајловски-Оцката и др. Известувал за политичката и воената состојба во светот и кај нас, а бил растуран во градот и во битолските села. Зачувани се само три броја (бр. 19, 20 и 21, ноември-декември 1942). ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 412; Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885-1992), Скопје, 1993, 117. С. Мл.

„БИЛТЕН“ (Гостивар, октомври 1941 – февруари 1942) – илегален орган на Месната организација на КПЈ во Гостивар. Објавени се 5–6 броја, на македонски јазик, но нема зачувани примероци. С. Мл.

„БИЛТЕН“ (Кумановско, 1. Ⅹ 1943 – 20. Ⅰ 1944) – орган на шта-бот на Петтата оперативна зона на НОВ и ПОМ, на кумановски дијалект. Бил умножуван на циклостил, а зачувани се само два броја. Во уводната статија од првиот број

„Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија го бијат окупаторот, ослобаѓаат територија“

се коментира капитулацијата на Италија и создавањето на народноослободителните комитети како органи на борбата, а особено значајни се и написите за партизанските дејствија во Тиквешијата и во Кумановско. ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 421–423. С. Мл.

„БИЛТЕН“ (Скопје и Дебарца, септември 1942 – 1943) – орган на Главниот штаб на НОПОМ. Објавени се два двоброја на македонски јазик. Првиот двоброј е објавен во Скопје на циклостил, а вториот двоброј на слободната територија во Дебарца во Печатницата „Гоце Делчев“. Содржи написи за воено-политичката состојба во светот и кај нас, како и за акциите на партизанските одреди. ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 424–425. С. Мл.

„Билтен“, орган на ПК на КПЈ за Македонија (1942)

„БИЛТЕН“ . (Скопје, јануари–април 1942) – орган на ПК на КПЈ за Македонија, на македонски јазик. Објавени се само два броја. Првиот број (јануари-февруари) бил печатен на техниката на ПК, а вториот број (март-април) во Печатницата „Гоце Делчев“. Уредник и автор на дел од написите бил Кочо Рацин. Написите информираат за политичката и за воената состојба во светот, со посебна нагласка на борбите на Црвената армија, состојбите во окупирана Македонија и борбата против фашизмот во светот, во Југославија и во Македонија.

Во вториот број е објавен и првомајски проглас, со обраќање и до тогашните македонски партизани:

„Вие први со оружје в раце ја поврзавте борбата на македонскиот народ со оружената борба на другите поробени народи против фашизамот… Нека нашата смела оружена борба се распали до степенот на општа оружена борба за изгонуење на окупаторите од Македонија!“

ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 424–425; Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје, 1993, 117. С. Мл.

„БИЛТЕН“ . (Скопје, август–септември 1943) – орган на Поверенството на Гш на НОВ и ПОМ за подрачјето на Четвртата оперативна зона, на македонски јазик. Објавени се неколку броја, а сочувани се само првите два броја. Негов главен уредник бил Кузман Јосифовски-Питу. Меѓу другото, во првиот број е објавена и хроника на дејствувањето на една партизанска единица во Тиквешијата, а во вториот број се соопштува и за убиството на ваташките младинци. ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 420-421. С. Мл.

„БИЛТЕН“ (Скопје, јули 1940 – октомври 1940) – илегален орган на ПК на КП во Македонија, на македонски и на српски јазик. Излегувал еднаш месечно. Бил ум-ножуван на циклостилна техника. Објавени се вкупно четири броја. Тие ја рефлектираат политиката на КПЈ кон политичките и стопанските состојби (аграрното прашање, тутунот и сл.) во Македонија, но содржат и написи за организационите и за националните проблеми, одделни прогласи и летоци. ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 386-387; д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885-1992), Скопје, 1993, 35. С. Мл.

„БИЛТЕН“ . (Скопје, ноември–декември 1934) – илегален орган на Обласниот секретаријат на КПЈ за Македонија, на српски јазик. Бил умножуван на машина за пишување со српска кирилица. Објавени се само четири броја. С. Мл.

„БИЛТЕН“ . (Струмица, март–мај 1943) – илегален орган на МК на КПЈ во Струмица. Излегувал на македонски јазик. Го уредувал Стојан ќосев. Објавени се два броја, но нема сочувани примероци. С. Мл.

„БИЛТЕН“ (Тиквешко, јуни 1944 – Нова Пазова, мај 1945) – орган на штабот на Втората македонска НОУ бригада, на македонски јазик. Бил умножуван на циклостил, на зголемен број страници, со разни рубрики, од вести до крстозбори, ребуси и хумор. ЛИТ.: Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885-1992), Скопје, 1993, 132-133. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.