БАСНА

БАСНА (лат: фабула – краток расказ) – кратка приказна во проза или во стихови, во која главна улога имаат животните, понекогаш растенијата, неживите предмети или некои природни сили. Тие обично се прикажани со човечки особини (антропоморфозирани) преку говор, карактерни особини, склоности, стремежи и сл. Односите меѓу луѓето обично се дадени алегорично, при што се исмеваат нивните слабости и недостатоци и се даваат морални поуки, кои на крајот можат да се изразат и експлицитно во вид на пословици, поговорки или максими. Пренесувана од поколение на поколение како усна или како книжевна творба, нејзината цел е да поучи, да оцени или да даде некој мудар совет. Често се користи за исмевање на некоја негативна особина, на пр., глупоста. Во македонската народна книжевност е позната како приказна за животни. Првите записи се на К. А. шапкарев и на М. К. Цепенков. Во нив е евидентна и појавата на локализција на дејството на приказните. Друга особина е давањето имиња на животните: за лисицата – Кума Лиса, Кума Лина и Мара, за волкот Кум Волчко, за кучето – Босилко, за јазовецот – Јаско, за козата – Патила. Ваквото именување на животните се прави за да бидат послични на луѓето, со специфични национални обележја. Во мотивите и сижеата нашле израз старите митолошки погледи во однос на светот и природата. ЛИТ.: Кирил Пенушлиски, Приказни за животни, Скопје, 1973; Македонско народно творештво, избор и редакција Кирил Пенушлиски, Скопје, 1973; Македонски народни приказни за животни. Подготвил Танас Вражиновски, Скопје, 1977. Б. В.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.