БАЛКАНСКИ ВОЈНИ

БАЛКАНСКИ ВОЈНИ. (октомври 1912 – 31. Ⅶ 1913) – Првата и Втората балканска војна. Првата балканска војна се водела меѓу државите од Балканскиот сојуз (Србија, Бугарија, Црна Гора и Грција) и османлиската држава (октомври 1912 – мај 1913) за нејзините балкански владенија. Во составот на армиите на државите членки на Балканскиот сојуз се бореле и многу Македонци, во очекување на ослободувањето и државното осамостојување на Македонија. Најзначајни биле северноалбанското, косовско-метохиското, македонското, тракиското, тесалиското и епирското војувалиште. Сојузниците мобилизирале околу 720.000 војници. Приближно толку мобилизирала и османлиската држава. Втората балканска војна се водела за поделба на Македонија (30. Ⅵ – 31. Ⅶ 1913). Започнала со бугарскиот напад врз армиските единици на Србија и Грција. Црна Гора ја поддржала Србија, а подоцна во војната против Бугарија се вклучиле и Турција и Романија. Борбите главно се воделе на српскобугарскиот и на грчко-бугарскиот фронт во Македонија. Македонското население во бројност од околу 100.000 лица било присилно мобилизирано во двете завојувани страни. Во овие војни загинале околу 40.000 лица од Македонија. Војната била запрена на 31 јули, а на 10. Ⅷ 1913 г. бил потпишан Букурешкиот мировен договор, со кој Македонија била поделена помеѓу Србија, Грција и Бугарија. В. Ст.

2019-01-05T19:38:44+01:00 0 коментари