БАК, Розина

БАК, Розина (Ружа) Јоха (шид, Србија, 7. Ⅲ 1923 – Скопје, 7. Ⅲ 1994) – комунистички деец, новинар и општественик. Била член на Литературното друштво „Јефимија“, на Црвениот крст и на Скаутската организација, а поради членството во СКОЈ (1939) била исклучена од Женската гимназија во Скопје (кон крајот на 1940). Тогаш станала член на КПЈ (декември 1940), а потоа и член на МК на СКОЈ во Скопје (мај 1941). Била уапсена од Гестапо, но успеала да избега и преминала во илегалство во Скопје, Велес, Штип и Кочани, а потоа станала борец на Велешкиот НОПО „Димитар Влахов“ (мај 1942). По заробувањето од бугарската полиција (27. Ⅵ 1942), била осудена на десет години строг затвор. Во 1944 г. била ослободена од затворот и депортирана во Марибор (Словенија), каде што се наоѓале нејзините родители, па таму се приклучила на Освободилна фронта. По Ослободувањето се вратила во Скопје и била новинар, уредник и главен уредник на весниците „Единство“ и „Нова Македонија“, списанијата „Македонка“ и „Просветена жена“ и во Радио-Скопје. Била еден од основачите на Здружението на новинарите на Македонија и претседател на Комисијата за информирање при Републичкото собрание на СРМ. Носител на Партизанска споменица 1941. Ружа (Розина) Бак БИБ.: Двете другарки од Скопскиот одред, „Просветена жена“, Скопје, јули– август 1971, 4; Белешка за Благој ЈанковМучето, Струмица и Струмичко во НОВ 1941–1943, Струмица, 1980, 635–642; И бомба падна врз нашето одделение, Оковани во пранги, Скопје, 1981, 63–64. ЛИТ.: Томислав Османли, Нашите лекции за храброста. Интервју: Ружа Бак. „Млад борец“, ЏЏЏВИ/1305, Скопје, 3. Ⅲ 1980, 16–17. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.