БАБА

Баба Планина

БАБА – висока планина во југозападниот дел на Република Македонија со највисок врв Пелистер (2.601 м). Низ повеќефазните тектонски активности, планината е издигната во типичен хорст, помеѓу Пелагониската Котлина на исток и Преспанската на запад. На север со превалот Ѓавато (1.167 м) и Цапарско Поле морфолошки е одвоена од планината Бигла (1.656 м), а на југ продолжува во Грција до превалот Вигла (1.505 м), преку кој води патот ЛеринКостур. Има меридијански правец на протегање во должина од 35 км. Преку нејзиниот јужен дел води македонско-грчката граница. На територијата на нашата земја се 436 км². Планината Баба е изградена во најголем дел од палеозојски шкрилци, шкрилести и гнајсни гранити, а од магматските габро и дијабази. Баба е испресечена со повеќе надолжни и попречни раседи кои ја распарчиле на повеќе блокови. Доминантна геоморфолошка појава на високопланинскиот предел претставува главниот планински гребен кој истовремено е и водораздел помеѓу Јадранскиот и Егејскиот слив. На него покрај Пелистер се издвојуваат повеќе планински врвови повисоки од 2.000 м. Тоа се: Стив (2.468 м), Висока Чука (2.182 м), Вртешка (2.010 м), Илинден (2.542 м), Големо Стапало (2.415 м) и др. Како последица на интензивните тектонски движења, геолошкиот состав и интензивната денудација и плакнење, е извршена изразита морфолошка диференцијација, што придонесло да се појават разновидни геоморфолошки форми. Како последица од плеистоценската глацијација имаме појава на фосилни циркови во кои се наоѓаат Големото и Малото глацијално езеро –„Пелистерски очи”. Разновидните геоморфолошки форми, извонредните пејзажни вредности, планинската клима, бујната вегетација, како и присуството на ендемичниот бор – молика, придонесле еден дел од Баба Планина – Пелистер во 1948 година да се прогласи за Национален парк. ЛИТ.: Т. Андоновски, Д. Колчаковски, Геоморфологија на Пелистер и Галичица, Природногеографски и социоекономски карактеристики на Пелистер и Галичица, проект-ракопис, Скопје, 1990. Т. Анд.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.