БАБАМОВ, Неофит

БАБАМОВ, Неофит (Офе) (Кочани, 2. Ⅱ 1909 – Кочани, 19. Ⅲ 1994) – синдикален и комунистички деец, борец. Како член на СКОЈ (од 1929) и на КПЈ (од 1938), бил интерниран во логорите Ивањица и потоа во „Танаско Раиќ” во Крагуевац (5. Ⅴ 1940 – 6. Ⅳ 1941). Како раководител на Месниот воен штаб во Кочани (од април 1942), бил уапсен (27. XI 1942 – 8. Ⅱ 1943), а потоа вршел подготовки за прифат на НОПО „Гоце Делчев“. Бил интерниран во логорот „Видбил“ (кај Видин, Бугарија, март–септември 1944), а по враќањето бил политички комесар на Третата воена област, партиски раководител на Народната одбрана, командант на Военото подрачје за Источна Македонија (од октомври 1944), командант на гарнизонот во Пехчево (1945), директор на оризовите млински фабрики во Кочани, по што бил пензиониран како воен инвалид (1963). ЛИТ.: Кочани и Кочанско во НОВ 1941–1945, Кочани, 1985; Штип и Штипско во Народноослободителната војна 1941–1945. Прилози од научниот собир одржан на 17, 18 и 19 мај 1990 во Штип, кн. 1–4, Скопје, 2001-2002. С. Мл.