АЈДУТСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ

АЈДУТСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ. – Циклус епски народни песни што ги опеваат подвизите и настаните од животот на ајдутите. Тие се појавиле како народен поетски израз кон ајдутското движење, па го одразуваат протестот против социјалните неправди и стремежите за слобода. Во нив ајдутите се претставени како борци против османлиските поробувачи. Особено во ⅩⅠⅩ в., со епска идеализација бил изграден ликот на ајдутите првенствено како храбри антиосманлиски борци и јунаци, издржливи, итри, секогаш подготвени да поднесат и најтешки измачувања. Овој циклус е еден од најбројните во нашата народна епика, а освен поединечните песни за одделни ајдути, за некои од нив има и цели групи песни. Основен мотив на песните е боречката судбина на ајдутите, нивните стремежи за слобода и слободен живот, одделните подвизи, но пред сè личните самооткажувања од удопствата на мирниот секојдневен живот: „Арамија куќа нема, / куќа му е планината. / Арамија татко нема, / татко му е тенка пушка. / Арамија мајка нема, / мајка му е остра сабја. /Арамија браќа нема, / браќа му се чифт пиштоли.” Посебно импресивни се поетските описи на избирањето на војводите, подготовките за борба, меѓусебните јуначки натпреварувања, јуначката смрт, верното другарство и саможртвувањето. Најопеани ајдути се нивните војводи: Дедо Иљо (Марков-Малешевски) од Берово, Караман од Охридско, Јане Плетикоса, Чавдар Војвода, Спиро Црне, Ѓорѓија Лажот, Петре Маџарче, Богдан шалварина, Страхил Војвода и др. Со посебна љубов се опеани и ликовите на жените-ајдутки: Сирма Војвода (од с. Тресонче), Румена Војвода (во Осоговските Планини), Бојана, Босиља, Гроздена, Гуга, Елена, Цвета и др. Тие се претставени како јунаци рамни на мажите во способностите и јуначките подвизи, вклучително и во вештото ракување со оружјето. ЛИТ.: Ефрем Каранов, Румена-войвода, очерк из Осоговските планини, Софиџ, 1886; Д. Добрев, Македонецът в народните песни, „Македонска мисъл”, Ⅱ, 5-6, Софиџ, 1947; Васил Иљоски, Народни ајдучки песни, „Литературен збор”, бр. 1, Скопје, 1954; Кирил Пенушлиски, Црвен се бајрак развева. Народни борбени песни, Скопје, 1965. С. Мл. Ајдути на пусија, гравура

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.