АЦЕВ, Мирче Донев

АЦЕВ, Мирче Донев (псевд. Стојче) (с. Ореовец, Прилепско, 20. IX 1915 – Скопје, 4. Ⅰ 1943) – учесник во македонското националноослободително комунистичко и студентското движење, активен член на Студентското друштво „Вардар”. Во 1938 г. бил член на КП, активен во организирањето партиски организации во Охрид и Струга. Прогонуван од полицијата (1940), преминал во илегалство и ја раководел партиската печатница на ПК на КП во Македонија. На илинденската демонстрација во Охрид повикал на организирана борба за слобода. По фашистичката окупација бил еден од истакнатите организатори и раководители на НОБ, член и секретар на ПК на КПЈ. Работел на организирање на партизанските одреди и станал член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Раководел со борбите во околината на Прилеп и Велес. На 17. Ⅻ 1942 г. бил уапсен од бугарската полиција. По жестоко мачење бил убиен. За народен херој бил прогласен на 16. Ⅷ 1944 г. Неговото име го доби Првиот партизански баталјон на НОВ на Македонија. ЛИТ.: Народни херои од Македонија, Скопје, 1973; Народни хероји Југославије, Београд, 1975. О. Ив.