АРСОВ, Љупчо

АРСОВ, Љупчо (псевд. Гоце) (Штип, 19. Ⅴ 1910 – Скопје, 18. XI 1986) – комунистички деец, организатор на НОАВМ, борец, резервен полковник на ЈНА, народен херој на Југославија (1953), политичар и државник. Завршил Комерцијално-економска школа во Загреб, а потоа бил службеник во Белград и Валево. Како член на КПЈ (јуни 1940), бил инструктор на МК на КПЈ во Валево, а по враќањето во Штип (јуни 1941) бил еден од организаторите на НОАВМ; член на МК на КПЈ во Штип (јуни – октомври 1941), член на МК на КПЈ во Битола (октомври 1941), член на Привремениот ПК на КПЈ за Македонија (јуни 1942) и член на Гш на НОВ и ПОМ (јуни 1942). Бил уапсен и интерниран во Бугарија (јули 1942 – март 1943). По враќањето бил партиски секретар на Четвртиот областен комитет на КПМ (27. Ⅱ – 17. Ⅷ 1943), политички комесар на штабот на Петтата оперативна зона на НОВ и ПОМ (27. Ⅲ – 17. Ⅷ 1943), партиски секретар на Петтиот областен комитет на КПМ и инструктор на ЦК на КПМ (мај – август 1944), кога бил кооптиран и за член на ЦК на КПМ. На Првото заседание на АСНОМ бил избран за секретар на Президиумот на АСНОМ. По Ослободувањето бил член на Политбирото и на Извршниот комитет на ЦК на КПМ, член на ЦК на СКЈ, потпретседател и министер за финансии во првата Влада на ДФМ (16. Ⅳ 1945), министер за труд во Сојузната влада (јануари 1948 – декември 1953), претседател на Извршниот совет на Собранието на Македонија (19. Ⅻ 1953 – 25. Ⅵ 1963), член на СИС (1960-62), претседател на Народното собрание на Македонија (1962-63), претседател на РК на ССРНМ и на Извршниот совет на Македонија (1963-67), претседател на Соборот на народите на Сообранието на СФРЈ (1967-69), потпретседател на ЦК на ССРНЈ (1967-71), член (1974-79) и претседател на Претседателството на СРМ (октомври 1979-82). Носител е на Партизанска споменица 1941, Ор-ден народен херој на Југославија (1953), Орден јунак на социјалистичкиот труд и др. БИБ.: Борбата за реализација на основната линија на ЦК КПЈ за вооруженото востание против фашистичките окупатори во Македонија, Битола и Битолско во НОВ 1941 и 1942, кн. прва, Битола, 1978, 73-101; Создавањето и развојот на Комунистичката партија на Македонија, Основањето и развојот на Комунистичката партија на Македонија, кн. прва, Скопје, 1980, 21-92; 11 Октомври – предвесник на слободата и државноста, „Историја”, ⅩⅤⅠⅠ, 1, Скопје, 1981, 27-40; Дејноста на Президиумот и на поверенствата на АСНОМ, Историски денови на Горно Врановци, Скопје, 1984, 15-26; Сеќавања, Скопје, 1984. ЛИТ.: Љупчо Арсов можен кандидат за претседател на Претседателството на СРМ, „Комунист”, ЏЏЏВИИ/41, Скопје, 28. IX 1979, 6. С. Мл. Милан Арсов

2019-01-05T18:11:48+00:00 0 коментари