АРСОВСКИ, Томе

АРСОВСКИ, Томе (Косовска Митровица, 23. IX 1928 – Скопје, 21. Ⅳ 2007) – поет, раскажувач, драмски автор, преведувач. Долги години работи како драматург во Македонската радиотелевизија, а член е на ДПМ од 1959 година. Дебитира со стихозбирката „Грст смеа” (1958), но вниманието на македонската критика го свртува вистински со својата прва драма „Александра” (1958). Автор е на голем број драми, кои ја практикуваат поетиката на лирско-реалистичкиот и психолошко-реалистичкиот дијалог. Неговите драмски текстови може да се групираат во три групи: драми со историски теми, ангажирани современи драми и комедии, а драмите „Парадоксот на Диоген”, „Обрачи” и „Чекор до есента” претставуваат своевидна трилогија за парадоксалниот јунак ситуиран во современо време и во сосем конкретна современа средина. Од осумдесеттите години на ⅩⅩ в. се свртува кон творештвото за деца и објавува голем број романи. ДЕЛ: драми: Матурска вечер (1964), Обрачи (1965), Чекор до есента (1969), Скок преку кожа (1976), Благиот допир на љубовта (1984); комедии: Бумеранг (1969), Убавината чекори сама (1974); телевизиски драми: Грст среќа (1962); Стотиот чекор (1964), Грдиот нарцис (1964), Коктел за четворица (1970), Залез над езерската земја (1973). ЛИТ.: Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990); Јелена Лужина, Македонската нова драма (1996). В. М.-Ч.

2019-01-05T19:36:54+00:00 0 коментари