АРЕАЛНА ЛИНГВИСТИКА

АРЕАЛНА ЛИНГВИСТИКА -. лингвистичка дисциплина што го проучува влијанието на факторот простор во животот и еволуцијата на јазикот. Ареалната лингвистика ги истражува промените во структурата на јазикот никнати како резултат на неговите просторни контакти со други јазици, како на дијалектното, така и на стандардното ниво. Во интересот на ареалната лингвистика спаѓаат појавите како: лингвистичката интерференција, мешањето на јазичните кодови, билингвизмот, мултилингвизмот, диглосијата и др. Најтипични методолошки пристапи: контрастивната / конфронтативната анализа и (на дијалектно ниво) лингвистичката географија. Истражувањата од областа на ареалната лингвистика се од голема важност за општата теорија на јазикот, за теоријата на неговата еволуција и за дијахроничната и синхроничната типологија на јазичните системи. Балканот како мултилингвална територија претставува атрактивен објект за истражувања од областа на ареалната лингвистика. При МАНУ (2000) е основан Истражувачки центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ). Главните долгогодишни проекти реализирани во ИЦАЛ се: „Меѓународните лингвистички атласи” и „Функционалната и географската карактеристика на морфо-синтаксичките балканизми”. З. Т.

2019-01-05T18:11:47+01:00 0 коментари