АПОСТОЛСКИ, Михаило Митев

АПОСТОЛСКИ, Михаило Митев (Ново Село, Штипско, 8. XI 1906 – Дојран, 7. Ⅷ 1987) – генерал-полковник, командант на Гш на НОВ и ПОМ, народен херој, академик. Основното и средното училиште ги завршил во Штип. Во 1927 г. ја завршил Воената академија во Белград, во 1933 Високата воена академија, а во 1938 г. и Генералштабната академија. Втората светска војна го затекнала во чинот генералштабен мајор на служба во Љубљана (на должноста началник на штаб на дивизија). По капитулацијата на Кралството Југославија бил во заробеништво во италијанскиот логор „Вестоне”, а потоа е префрлен во Риека. Со група Македонци бил ослободен. Учествувал на состанокот во Скопје (11. IX 1941) на кој бил формиран Покраинскиот воен штаб (ПВш) за Македонија, станал негов член, а подоцна и командант. Член на КП станал во април, во јуни 1942 г. бил назначен за командант на Гш на НОПОМ, а од август 1943 командант на Гш на НОВ и ПОМ. На Второто заседание на АВНОЈ (29. XI 1943) бил избран за член на Претседателството, а на 15. Ⅻ 1943 од Вш на НОВ и ПОЈ го добил чинот генерал-мајор. Бил член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ. Во февруари 1945 г. бил поставен за помошник на началникот на Врховниот штаб, односно на Генералштабот на ЈА. Во периодот од 1946 до 1952 бил командант на Сараевската воена област. До 1958 г. ја вршел должноста началник на Високата воена академија и началник на пешадијата на ЈНА. Пензиониран е во чинот генералполковник. Во 1976 г. станал прв доктор по воени науки. Од 1965 до 1970 г. бил директор на Институтот за национална историја. Во 1967 г. е избран за член на МАНУ, а во 1968 за член на САНУ. Од 1976 до 1983 г. бил претседател на МАНУ. Во 1977 е избран за член на Словенечката академија на науките и уметностите, а во 1978 г. и на Академијата на науките и уметностите на БиХ. Од 1978 до 1981 бил претседател на Советот на академиите на науките и уметностите на СФРЈ. Од 1979 г. е член на ЈАЗУ. Во 1986 г. станува претседател на Сојузот на друштвата на историчарите на Македонија. Член е и на Академијата на Косово, како и на научните друштва во Битола и Штип и на Научното друштво за историја на здравствената култура во Белград. Носител е на Партизанска споменица 1941, прогласен е за народен херој на Југославија (1953) и, меѓу другото, добитник е и на највисока награда во СФРЈ „АВНОЈ” (1978). БИБ.: Пролетната офанзива во 1944 година во Македонија, Скопје, 1957; Февруарскиот поход, Скопје, 1975; Завршните операции за ослободување на Македонија, Скопје, 1975; Студии и статии, Скопје, 1975; Погледи на југословенскобугарските односи во Втората светска војна, Скопје, 1980. В. Ст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.