АНТРОПОЛОГИЈА

АНТРОПОЛОГИЈА – а) филозофска дисциплина што го проучува човекот како социјално суштество; б) академска дисциплина што во РМ се институционализира во втората половина на ⅩⅩ в., кога на Групата за социологија на Филозофскиот факултет се воведува предметот Социјална антропологија (1975). Подоцна антропологијата како наставен предмет е застапена и на другите групи и факултети. Се прават напори Одделението за етнологија на Природно-математичкиот факултет да прерасне во Институт за етнологија и антропологија. Како антрополошки можат да се сметаат првите систематски собирања на фолклорни материјали од средината на ⅩⅠⅩ и почетокот на ⅩⅩ в. (Д. Миладинов, М. Цепенков, К. шапкарев и др.), како и истражувањата на српските и бугарските етнографи на македонската народна култура (Ст. Верковиќ, В. К’нчов, Ј. Цвииќ, Ј. Хаџи-Василевиќ, Т. Ѓорѓевиќ и др.). Во триесеттите години на ⅩⅩ в. полскиот етнолог и антрополог Јозеф Обрембски презема прво модерно антрополошко теренско истражување на овие простори. По 1950 година народната култура и фолклорот се истражуваат во Институтот за фолклор „Марко Цепенков” и во Институтот за македонска литература во Скопје, како и во Институтот за старословенска култура во Прилеп. ЛИТ.: Ѓ. Младеновски, Антрополошки огледи, Скопје, 2005. Ѓ. М.

2019-01-05T18:11:45+01:00 0 коментари