АНДРЕЕВСКИ, Петре М

АНДРЕЕВСКИ, Петре М(иланов) (с. Слоештица, Демирхисарско, 25. Ⅵ 1934 – Скопје, 25. IX 2006) – поет, романсиер, раскажувач, драмски автор. Долги години работи како уредник во Македонската радиотелевизија. Член е на МАНУ од мај 2000 г. Член е на ДПМ (1964) и на Македонскиот ПЕН-центар. Пишува стихови, раскази, романи, драми и филм-ски сценарија. Андреевски создаде дело што не само што ја смени Петре М. Андреевски свеста за литературата кај македонскиот читател, кое не само што иницира цели генерации што се угледуваа на тој модел, туку ја смени и македонската критичка свест. Својата вечна преокупација ја ситуира во родниот крај, но со тоа, не стана локален или регионален автор, зашто успеа преку универзализацијата на локалното, својот крај да го постави како центар на светот. Има широка читателска публика и неговата прозна композиција не е потпрена врз фабулата, туку врз самиот чин на раскажувањето. Особено за романите (како едно време за романите на Стале Попов) се вели дека се најчитани, т.е. бестселери кај народот. Романот „Пиреј” македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза (исто онака како што збирката „Дениција” ја означи како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам). Има објавено и две збирки стихови за деца („шарам барам” и „Касни порасни”). И во песните за деца Андреевски е поет на метафората и алузијата, на јазичната игра и носталгичната медитација. ДЕЛ: збирки поезија: Јазли (1960), И на небо и на земја (1962), Дениција (1968), Дални наковални (1971), Пофалби и поплаки (1975), Вечна куќа (1987) и Лакримариј (1999); збирки раскази: Седмиот ден (1964), Неверни години (1974) и Сите лица на смртта (1994); романи: Пиреј (1980), Скакулци (1983), Небеска Тимјановна (1988), Последните селани (1997) и Тунел (2003); драми: Време за пеење, Богунемили (1984), Бежанци (2007, постхумно). ЛИТ.: Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990); Венко Андоновски, Структурата на македонскиот реалистичен роман (1997); Наташа Аврамовска, Травестија на усната историја (1999); Христо Георгиевски, Македонскиот роман 1952-2000 (2002); Весна Мојсова-Чепишевска, Лицето на зборовите, (2004). В. М.-Ч.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.