//АНДРЕЕВСКИ, Александар Димитров

АНДРЕЕВСКИ, Александар Димитров

АНДРЕЕВСКИ, Александар Димитров (с. Кожле, Скопско, 9. Ⅱ 1922 – Скопје, 28. Ⅹ 2005) –спец. по ОРЛ, редовен професор на Мед. ф., академик. Дипломирал на Мед. ф. во Загреб (1948). Специјализирал ОРЛ во Загреб и во 1953 го положил спец. испит по што бил избран за асистент за предметот ОРЛ на Мед. ф. во Скопје. Во 1953–1954 г. се усовршувал во Париз, за подрачјата на функционалната реконструктивна хирургија на малигните тумори на ларинксот и хипофаринксот, бронхоезофагологијата, микрохирургијата на средното уво, пластичната хирургија во ОРЛ и во аудиовестибулогијата. Престојувал повеќе пати на реномирани ОРЛ клиники во Париз, Лондон, Москва, Ленинград, Прага, Варшава, Берлин, Хамбург, Хановер, Фрајбург, Бордо, Лион и во други центри при што посебно внимание $ посветил на реконструктивната функционална хирургија кај малигномите на ларингофарингеалното подрачје, како и на други области од ОРЛ: тимпанопластика, стапедопластика, ринопластика, хирургија на вратот и пластични зафати во оваа регија. Хабилитирал на тема „Фронтобазални повреди” на Мед. ф. во Скопје (1956). Избран е за доцент во 1957 г., вонреден професор од 1961, а редовен од 1967 г. Директор на Клиниката за ОРЛ на Мед. ф. во Скопје (1957–1987). Бил продекан на Мед. ф. во Скопје (1960–1963), а во два мандата и декан на истиот факултет (1965–1967 и 1967– 1969). Бил прв директор на Универзитетскиот центар за медициниски науки (УЦМН) во Скопје (1978–1980), а бил и ректор на Унив. „Св. Кирил и Методиј” (1982–1984). За дописен член на МАНУ бил избран на 14. Ⅴ 1979 г., а за редовен на 24. Ⅵ 1986 г. Бил секретар на Одд. за биолошки и медицински науки. Во два мандата бил потпретседател на МАНУ (1992–1995, 1996–1999). Бил претседател на Здружението на ОРЛ на Југославија (1964– 1968) и организатор на Ⅷ конгрес во Охрид (1968), како и на Интернационалниот конгрес на ото-неуро-офталмо-неврохирурзите на Југославија, Италија и Грција одржан во Охрид (1984). Бил член на Претседателството и УО на Здружението на ОРЛ на СФРЈ од неговото основање. Повеќе од дваесет години бил претседател на ОРЛ секцијата при МЛД. Бил член на Редакцијата на списанието „Сѕмпосиа ото-рхино-ларѕнгологица Ѕугославица” во Загреб и уредник на сп. „Прилози” (МАНУ). Создал модерна ОРЛ клиника со висок углед во земјата и во странство, особено поради реконструктивната функционална хирургија на малигните тумори на ларинксот. Автор и коавтор е на над 285 стручно-научни трудови и соопштенија, со кои учествувал на бројни научни состаноци во земјава и во странство прикажувајќи ги нашите достигнувања во ОРЛ. Раководел 13 научноистражувачки проекти финансирани од МАНУ и од Републичкиот СИЗ за научна дејност. А. Андреевски е основач на модерната ОРЛ во РМ. Се вградил во развојот на Мед. ф. и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и се вбројува меѓу видните медицински дејци кај нас. ИЗВ.: Билтен, посебно издание, Петто изборно собрание (реферати и прилози), Ⅵ, 1, Скопје, март 1979, 118–133; Свечен собир Александар Андреевски 80 години од животот и 55 години научно-наставна дејност, МАНУ, 2003, 9–94; СПОМЕНИЦА посветена на Александар Андреевски, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, Скопје, 2006, 9–57. БИБ.: Оториноларингологија (И дел: Отологија), Скопје, 1975. М. Пол.

2019-01-05T18:11:43+01:00 0 коментари