АМАМ

АМАМ – јавна бања градена во градовите во Македонија во периодот на турското владеење. Секој амам содржел пет групи простории: шадрван (гардероба) со квадратна основа, капалук (дел за адаптација) со правоаголни основи, халвет (простор за капење) еден квадратен простор на кој може да се надоврзат повеќе мали простории, хазна (резервоар за вода) и ќулхан (ложиште). Во халветот по обемните ѕидови се изградени камени банкини и камени корита – курни. Покривани се со куполи и сводови. Осветлувањето е зенитално. Градени се од камен и тула. Затоплувањето е подно и преку ѕидовите. Внатрешноста била украсувана со декоративна пластика, главно, во тромпите, во лаците и во горните ѕидни партии. Амамите биле градени како двојни, т.н. чифте амами со посебни делови за жени и за мажи или како едноделни. Познати се Чифте амам (ⅩⅤ) и Даут-пашин амам (1489–1497) во Скопје (и двата адаптирани во уметнички галерии), амамот Дебој (ⅩⅤⅠ в.) во Битола, Воска амам во Охрид, амамот во Тетово и др. ЛИТ.: М. Здравковић, Рестаурација и адаптација Даут-пашиног амама у Скопљу, Зборник заштите споменика културе, 1, Београд, 1950, 45-56; И. Здравковиќ, Избор граÚе за проучавање споменика исламске архитектуре у Југославији, Београд, 1964; К. Томовски, Амамот Дебој во Битола, Зборник на Археолошкиот музеј на Македонија, Скопје, 1975, 263-270; К. Томовски, Конзерваторски и реставраторски работи на Чифте амамот во Скопје, „Културно наследство”, 5, Скопје, 1973, 1-5; Л. Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски споменици во Скопје, Скопје, 1998, 169-195. Кр. Т.