АКИНДИН, Григориј

АКИНДИН, Григориј (Прилеп, ок. 1300 – ок. 1348) – средновековен теолог и филозоф. Се школувал во Солун, каде што стекнал солидно образование од античката филозофија и литература. Се запознал со св. Григориј Палама и изразил желба тој да го воведе во монашката духовна практика. Во 1332 год. во Солун се сретнал со Варлаам, главниот опонент на св. Григориј Палама. До 1341 год. бил посредник меѓу нив. Поддржан од патријархот Јован Калекас, Акин-дин истапил со критика на Варлаамовиот трактат „Против месалијаните”. Во граѓанската војна започнал отворена и остра критика на исихастичкиот метод за кој се залагал Палама. На Црковниот собор во 1352 година (посмртно) бил анатемисан. Автор е на повеќе текстови. Во „Антиеретики” ја напаѓа основната идеја на монасите исихасти. Акиндин ја застапува тезата дека Бог може да му се јави на човекот само преку симболи, а меѓу божјата суштина и божјата енергија нема разлика. ЛИТ.: В. Стојчевска-Антиќ, Акиндин во јужнословенската ракописна традиција, „Прилози”, ИВ, 1, МАНУ, 1979, 35–59; В. Георгиева, Византиска филозофија, Скопје, 2001. В. Г.-П.

2019-01-05T18:11:36+00:00 0 коментари