АГЕНЦИЈА ЗА САНАЦИЈА НА БАНКА – специјализирана институција основана за спроведување на процесот на санација на банкарскиот систем на РМ. Формирана е во почетокот на 1994 г. од страна на македонската влада, со почетен капитал обезбеден од буџетот. Основна задача на Агенцијата е да управува со лошите пласмани отстранети од билансите на банките. Нејзиното портфолио вклучува два вида побарувања од над 300 трговски друштва и јавни претпријатија: побарувања во износ од 336 милиони долари по основа на користени странски кредити од некои меѓународни доверители (Парискиот клуб на доверители, Лондонскиот клуб на доверители, Светската банка итн.) и ненаплатливи денарски побарувања во износ од 12,7 милијарди денари (317,5 милиони долари). За износот на ненаплатливите побарувања преземени од Стопанска банка АД Скопје, од 1995 г., Агенцијата издава обврзници за санација и реконструкција на банката. Обврзниците гласат на доносител, тие се емитирани со рок на отплата од 15 години, со месечна исплата на каматата и со годишна исплата на главницата. За наплата на побарувањата од крајните корисници на кредитите Агенцијата применува различни форми на регулирање на побарувањата, како: наплата на кредитите според склучените договори, предвремена наплата на кредитите со дисконт, репрограмирање на кредитите, продажба на побарувањата на трети лица, претворање на побарувањата во влогови во претпријатијата, активирање на хипотеките и иницирање постапки за ликвидација и стечај. Органи на управување на Агенцијата, именувани од страна на Владата, се Управен одбор, составен од седум члена, и Директор. Од 2001 г., името на Агенцијата е променето во Агенција на Република Македонија за управување со средства. Во текот на 2003 г. Агенцијата престана со својата работа. ЛИТ.: Љупчо Трпески, Пари и банкарство, Ецономѕ Пресс, Скопје, 2003, 560-563; Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006, 141–145. Г. П.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.