АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – служба основана од страна на Владата на СФРЈ (1952) што го помага вработувањето. Од 1960 г. прераснува во Државен завод за вработување на НРМ, по што нејзиното име е менувано во повеќе наврати. Од 2004 г. се трансформира во Агенција за вработување на Република Македонија. Организационо, Агенцијата е етаблирана на три нивоа: Централна служба на Агенцијата во Скопје, Центар за вработување на градот Скопје и 29 центри за вработување за подрачјата на една или повеќе општини. Нејзината дејност е од јавен интерес, насочена да им дава услуги на невработените лица, работодавачите и на државата, во согласност со одредбите од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и со одредбите од Статутот на Агенцијата. Агенцијата, како што е тоа случај впрочем со овој тип институции и во другите пазарни економии, извршува вонредно значајни улоги врзани за функционирањето на пазарот на трудот. Во овој контекст, посебно треба да се потенцираат следниве: истражување и анализа на пазарот на трудот (анализа на состојбите и промените во доменот на вработеноста и невработеноста, т.е. понудата и побарувачката на трудот, структурата на работната сила, посебно на лицата што бараат вработување, изготвување на разни програми и проекти за имплементација на активни пристапи во вработувањето и за зголемување на флексибилноста на пазарот на трудот и сл.); осигурување на правата во случај на невработеност (овозможување правна и материјална помош во случај на невработеност, како и на правна и материјална заштита врзана за пензиското и инвалидското и за здравственосто осигурување на невработените лица, а во согласност со домашните закони и меѓународните договори и конвенции); регистрација и евиденција (вклучувајќи и средување, „чистење” на евиденцијата на невработените лица) и сл. Во поново време, Агенцијата посебно е фокусирана на промовирањето и имплементацијата на активните политики за вработување: обука, доквалификации и преквалификации на невработените, професионална ориентација на ученици, студенти и невработени лица, совети и помош за самовработување, организирање на јавни работи, поттици и поволности за вработување на инвалиди, стимули за работодавачите за вработувања на лицата евидентирани во Агенцијата, професионална селекција на невработени лица според потребите и барањата на работодавачите итн. ИЗВ.: Интерни материјали на Агенцијата за вработување на Република Македонија. П. Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.