АВРАМОВСКИ, Димитар Пандилов

АВРАМОВСКИ, Димитар Пандилов (с. Тресонче, 1. Ⅲ 1899 – Скопје, 26. Ⅶ 1963) – сликар, еден од најзначајните основоположници на македонската модерна уметност и најеминентен претставник на импресионизмот. Потекнувал од позната зографска фамилија. Дипломирал (1924) на Државната художествена академија во Софија (Бугарија). Од Д. П. Аврамовски, Жетварки, масло на платно (1935) 1927 до 1928 г. престојувал во Париз и Монпелје. До 1945 г. живеел во Бугарија (с. Хајредин), а потоа се вратил во Македонија и работел како ликовен педагог во Скопје. Ја приредил првата самостојна изложба на македонски модерен сликар во Скопје (1926). Самостојно излагал и во ќуприја (1926), Скопје (1956, 1962), Монпелје (1928), Софија (1930, 1934, 1937). Најголема ретроспектива имал во Музејот на современата уметност во Скопје (1983). Работел масла, акварели и цртежи, а жанровски се определил за пејзажи, мртви природи, портрети, актови. Во почетокот го следел академизмот со благо реалистични назнаки, а подоцна се определил за импресионизмот со елементи на експресионизам, на места со акциони потези. Во овој дух се насликани неговите најзначајни дела во кои доминира пасторалата, поетиката на просторот, светлината, оптимистичката ведрина на атмосферата (Покрај вода, 1925; Жетварки, 1926; Акт, 1928; Товарен воз, 1950; Есен, 1951; Вршидба 1951; Жетва 1954). ЛИТ.: Цветан Грозданов, Димитар Пандилов, „Разгледи”, год. В, бр. 1, Скопје, 1963, 59; Елена Мацан Чукиќ, Димитар Пандилов (каталог), Уметничка галерија, Скопје, 1966; Соња Абаџиева-Димитрова, Димитар Аврамовски Пандилов, Скопје, 1984. С. Аб.-Д.