ШАНДАНОВ, Петар

ШАНДАНОВ, Петар (Охрид, 4. Ⅶ 1895 – Софија, 15. Ⅹ 1971) – раководител на ВМРО. Се школувал во Охрид и во Битола. Учесник во Првата балканска војна, во Охридското востание (1913) се борел во четата на војводата Петар Чаулев. Во ВМРО бил резервен член на ЦК на ВМРО (1925–1928), а по убиството на А. Протогеров (1928) и по расцепот на Организацијата, станал водач на протогеровистичката ВМРО. Пред Втората светска војна се приклучил во Антифашистичкиот фронт на Бугарија, а по Војната бил еден од раководителите на Сојузот на македонските емигрантски друштва во Софија. Во 1944 г. бил делегат на Второто заседание на АСНОМ и избран за член на Президиумот на Народното собрание на Македонија. Поради учеството во Македонското ослободително движење бил осудуван и затворан од бугарските власти (1936 и 1953). ЛИТ.: Петар шанданов, Спомени. Предговор и редакција проф. д-р Зоран Тодоровски, Скопје, 2002. З. Тод.