ХАЏИ ДИМОВ, Димо Хаџијованов (с. Горно Броди, Серско, 14. Ⅱ 1875 – Софија, 13. Ⅸ 1924) – народен трибун, социјалистички агитатор и идеолог на македонското ослободително движење, публицист. Татко му Хаџи Димко бил истакнат преродбенски деец, поради што повеќе пати бил апсен од османлиските власти, па бил принуден со семејството да емигрира во новооснованото Бугарско Кнежевство, доаѓајќи во Дупница (Станке Димитров). Го завршил Педагошкото училиште во ќустендил (1894), а потоа студирал право на Софискиот универзитет (1898). Поради неговите политички определби бил исклучен од студиите и повеќе години учителствувал во Дупница и други места, при што активно учествувал во прогресивното учителско движење. Бил член на БРСДП (од 1901) и истакнат член на ТМОРО. Извесен период бил борец на комитска чета во Малешевско (од февруари 1903), а потоа во Серскиот револуционерен округ на ТМОРО. Бил близок соработник на Г. Делчев, Ј. Сандански, Васил Главинов и П. К. Јаворов. Учествувал во борбата кај с. Баница, Серско (4. Ⅴ 1903) кога загинал Г. Делчев. Бил член на Македонско-одринската социјалдемократска група. По Илинденското востание бил идеен водач на левото крило на ТМОРО, ги формулирал основните принципи на македонските револуционери од Серската група, а заедно со Димитар Мирасчиев, бил коавтор на реформската „Директива за претстојната дејност на Организацијата“. Пристигнал во Софија и учествувал во внатрешните борби на БРСДП (т.с.) (1905). На Рилскиот конгрес на ТМОРО (октомври 1905) бил избран за одговорен редактор на нејзиниот орган „РеволÓционерен лист“ (1904– 1906), истакнувајќи се како најзначаен теоретичар на левицата на ВМРО, позната како санданист. Бил еден од основачите и раководител на Учителската социјалдемократска организација (1905). По Младотурската револуција (1908) дошол во Солун, каде што непосредно соработувал со Ј. Сандански. Бил член на Народната федеративна партија, нејзин идеолог и редактор на нејзиниот орган „Конституционна заря“ (Солун, 1909–1910). Бил учесник во војната во составот на Седмата рилска дивизија на Бугарската армија (1912–1913), а по заробувањето 3 месеци бил заробеник на грчките воени сили на островот Трикери. По Првата светска војна бил водач на македонската прогресивна емиграција во Бугарија. Заедно со Ѓ. Петров, Никола Пушкаров и други македонски револуционери, го формирале Временото претставништво на бившата ВМРО (1919) и бил редактор на неговиот орган „Билтен“. Претставништвото интервенирало пред Версајската мировна конференција за слобода и независност на Македонија во рам-ките на балканска федерација. Исто така, бил член на новооснованата БКП, по чија директива го напуштил Временото претставништво (кон крајот на 1919), а потоа го основал Македонскиот емигрантски комунистички сојуз во Бугарија (1920) и го редактирал неговиот орган „Освобождение“ (1920– 1923). Бил член на Контролната комисија на ЦК на БКП (1923) и учествувал во подготовките на Септемвриското востание (1923), а непосредно пред неговото избувнување бил уапсен. Бил член на Контролната комисија на ЦК на БКП (т.с.), а на Витошката конференција на БКП (т.с.) (1924) бил избран за член на ЦК, а потоа секретар на ЦК на БКП и народен пратеник во ⅩⅩⅠ свикување на бугарскиот парламент (1923–1927) на листата на Единствениот работничко-селански фронт. Како пратеник се залагал во одбрана на човековите права и слободи, против белиот терор и политичките убиства, но и самиот бил убиен на софиска улица од ванчомихајловистите. БИБ.: Назад кÍм автономията, София, 1919. ЛИТ.: Д-р Орде Иваноски, Димо Хаџи Димов-Аџијата. (По повод 50-годишнината од неговиот атентат), „Гласник“ на ИНИ, ⅩⅤⅠⅠⅠ, 2, Скопје, 1974, 53-84: истиот, Димо ХаджиДимов, Мацедоине (Артицлес д’хистоире), ИНИ, Скопје, 1981, 345-371; истиот, Ди-мо Хаџи Димов – поборник за класната и националната борба, „Погледи“, ⅩⅩⅠ, 7-8, Скопје, 1984, 154-168; Димо Хаџи Димов, живот и дело, Скопје, 1995. С. Мл.