НАРОДЕН ВЕЗ

НАРОДЕН ВЕЗ – орнаментиран дел на носијата. Македонската везбена народна орнаментика е мошне богата и разновидна. Секој регион во Македонија си има свои специфичности, изразени преку карактеристични мотиви и орнаменти за одредена микрозаедница. Македонскиот народен вез се одликува со исклучителна декоративност, хармоничност и отсуство на секаква пластичност при обработката на дадените мотиви. Од ликовен аспект, орнаментално-мотивските елементи се колористички површински третирани со употреба на контрасни, интензивни колористички вредности, при што преовладува црвената боја во сите нијанси (алова, ѓувезна и сл.), со одредени акценти на црната, жолтата, сината (мор), зелената итн. Исто така, карактеристична за македонскиот народен вез е и нагласената геометризација и стилизација на целокупната орнаменталномотивска граѓа. Во изборот на мотивите најзастапени се геометриските форми (круг, ромб, триаголник) и флорните мотиви, а многу ретко се среќаваат зооморфните или антропоморфните мотиви. Везот од Скопска Црна Гора и од Долни Полог го карактеризира црната гајтанска орнаментика, а народниот вез од околината на Прилеп и Битола – гобленската техника со доминантна црвена боја. Ј. Р.-П.